Can Efesoy,Mehmet Şah Yılmaz
21 Октомври 2023•Ажурирај: 23 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, рече дека Туркије е во контакт со сите страни во кризата во Газа и дека во тек се напори за олеснување на примирјето, хуманитарната помош и можната размена на заробеници, известува Анадолу.
Министерот Фидан во разговор за TRT Haber синоќа зборуваше за најновите случувања во регионот на Блискиот исток.
„Веруваме дека исламскиот свет може да игра важна улога за извлекувањето на човештвото од оваа спирала доколку ги користи неопходните дипломатски платформи“, рече министерот Фидан.
Тој ја нагласи важноста на палестинското прашање за Туркије и наведе дека кризата што започна на 7. октомври е многу загрижувачка.
Министерот Фидан кризата од 7. октомври ја опиша како „криза која многу релевантни кругови гледале дека доаѓа, но ја прикривале.“.
„Нападите на Хамас што започнаа на 7. октомври всушност се доказ за грешката на израелската политика во регионот, особено во последните 10 години. Иако Израел ја покажа слабоста на системот за национална безбедност кој го разви за себе, покажа дека структурата и системот кој се обиде да го воспостави, воглавно низ дипломатија, всушност е неуспешен проект“, рече Фидан.
Шефот на турската дипломатија го смета за стратешка грешка обидот на Израел да постигне мир со соседите и неприфаќањето на решение за две држави со Палестина.
„Знаевме дека оваа криза негде ќе избие, бидејќи, иако се чинеше дека некои нешта напредуваат со Абрахамовиот договор, во суштина видовме дека угнетувањето и насилството врз Палестинците стана посистематско, пораспространето и почесто“, рече министерот Фидан.
Тој истакна дека Израел на 7. октомври претрпе големи загуби и дека надоместот на таа загуба ја пронајде во „освета, а не мир.“
„Додека ја спроведуваше оваа освета, не обрнуваше внимание на цивилното население. Ја бомбардираше цивилната инфраструктура и избра метод на колективно казнување. Ставот што ние го зазедовме како држава е ова да го дефинираме како криза без никакви олеснителни околности или оправдувања, да го опишеме како злосторство против човештвото и да заземеме став против тоа“, додаде Фидан.
Турскиот министер напомена дека израелската држава одредени подрачја од северот до југот на Газа ги опишал како „подрачја кои треба да се евакуираат“ и тоа го посочиле како воена стратегија.
„Според тоа, Израел спроведе широко распространето бомбардирање. Досега се бомбардирани поголемиот дел од местата во кои живее цивилно население, особено на северот. Повеќе од милион луѓе заминаа на југ“, рече Фидан.
Тој истакна дека Туркије се обидува да биде во контакт со сите страни кои се вмешани во кризата, и дека спроведува активности кои ќе го олеснат ставањето крај на кризата во Газа со воведување прекин на огнот, влез на хуманитарната помош и размена на заробеници.
Фидан истакна дека е потребно воспоставување на рамка која ќе гарантира безбедност и траен мир во регионот.
„Меѓутоа, Американците сега станаа партнери и во напорите кои Израел ги прави за да ги постигне своите воени цели во Газа. Кога ќе ги погледнеме оценките и изјавите на американскиот претседател, службениците на националната безбедност и на воените власти, гледаме дека Америка во потполност се согласува околу заедничкото дејствување со Израел и давањето поддршка, особено во операциите врз Газа и операциите против Хамас“, рече шефот на турската дипломатија.
Фидан наведе дека Израел добил безусловна поддршка од Америка и Западот и дека земјите во регионот кои сакаат да го покажат својот вистински став, со години биле под притисок.
Министерот Фидан истакна дека голем број земји во регионот не можат да го покажат својот вистински став за Палестина.
„Причина за тоа е што секоја земја има свои сериозни проблеми. Политички проблеми, економски проблеми, безбедносни проблеми и тие се во некој вид интеракција со Западот и Америка по ова прашање.“
Фидан истакна дека исламскиот свет се наоѓа во „спирала на очајот“.
„Сметаме дека од оваа спирала мора да се излезе. Веруваме дека доколку исламскиот свет ги користи дипломатските платформи, можеме да делуваме како актер за извлекување на човештвото од оваа спирала“, истакна шефот на турската дипломатија Фидан.