Faruk Zorlu
10 Октомври 2019•Ажурирај: 11 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, ги отфрли сите критики кои официјалните претставници на некои држави синоќа ги упатија на сметка на воената операција „Извор на мирот“, која Турските вооружени сили (ТСК) во соработка со опозициската Сириска национална војска (СНВ) ја започнаа против терористите во североисточниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу изјави дека тие критики се неосновани, а посебно неоправдани од страна на оние кои учествуваат во интервенциите во Јемен.
„За време на нивната опсада многу луѓе во Јемен починаа од глад. Врз основа на што тие воопшто ја клеветат Турција и се спротивставуваат на нејзината антитерористичка операција во северна Сирија. Токму овие критичари убија толку многу луѓе и ги оставија преживеаните да гладуваат во Јемен“, рече Чавушоглу.
Турските сили вчера ја започнаа воената операција „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас од источниот брег на Еуфрат, кој е окупиран од терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека целта на операцијата е со елиминација на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставувањето терористички коридор. Целта е и воспоставување безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката организација ПКК и нејзиниот огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголема закана за иднината на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.
Официјална Анкара, исто така, предупредува дека е неприфатливо терористите на ПКК да се поддржуваат и сметаат за партнери во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Со воспоставување безбедносна зона во подрачјето на 30 километри широкиот пограничен појас на Сирија, Турција има намера да обезбеди враќање на два милиони сириски бегалци. Тоа подрачје го вклучува и регионот на Мунбич и се простира од Еуфрат до ирачката граница. Препреката на тој план на Турција е фактот дека подрачјето е под окупација на терористите на ПКК, ПЈД и ЈПГ.
Турските сили спроведоа две успешни операции во последните три години во северозападна Сирија и ги неутрализираа терористите на површина од 4.000 квадратни километри. Станува збор за операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, за време на кои сириските градови западно од Еуфрат се ослободени од терористичките организации ДЕАШ и ЈПГ/ПКК.
Турција сите прекугранични операции ги спроведува врз основа на меѓународното право, правото на самоодбрана, и ги реализира во согласност со начелата на Повелбата на ОН и резолуциите на Советот на безбедност кои се однесуваат на борбата против тероризмот.
За време на операцијата „Штитот на Еуфрат“, турските сили неутрализираа 3.060 терористи на ДЕАШ, кои во низа терористички напади претходно во Турција убија повеќе од 300 лица. Неутрализирани се и терористи на ЈПГ/ПКК, а во регионите се воспоставени локални институции и започната е обнова на инфраструктурата.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.