АНКАРА (АА) – Во Анкара, по одржаниот состанок на делегациите на Турција и Соединетите Американски Држави (САД) за случувањата во Сирија, двете земји објавија заедничко соопштение од 13 точки, во кое се истакнува дека загриженоста на Турција за безбедноста на јужната граница е легитимна. Во заедничкото соопштение, исто така се истакнува дека „двете членки на НАТО кои имаат блиска соработка“, Турција и САД, ќе ја продолжат борбата против ДЕАШ во североисточна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган со потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Пенс и средбата на делегациите меѓу двете земји, со јавноста беше споделено заедничко соопштение за североисточна Сирија, кое се состои од 13 точки.
Во заедничкото соопштение кое започнува со речениците „Турција и САД, како две блиски членки на НАТО ја потврдија својата соработка. САД ги разбираат легитимните безбедносни грижи на Турција за јужната граница“, се додава дека двете земји се согласиле за поблиска координација врз основа на заедничките интереси во североисточна Сирија.
„Турција и САД, преку девизата ’Сите за еден, еден за сите‘ ќе ги заштити НАТО и населението од сите закани“, се истакнува во соопштението.
Двете земји во соопштението ги потврдија нивните заложби за заштита на човековиот живот, човековите права и правата на верските и етничките заедници.
Во другите точки се нагласува:
5. Турција и САД се одлучни за продолжување на активностите против ДЕАШ во североисточна Сирија. Ова вклучува и соодветно координирање во однос на центрите на притвор на раселените лица кои претходно живееле во областите под контролата на ДЕАШ.
6. Турција и САД се согласија за борба само против терористичките елементи и за уништување на засолништата, упориштата, позициите, оружјето, возилата кои припаѓаат на терористите.
7. Турската страна се обврзува дека ќе обезбеди безбедност на сите жители во безбедната зона контролирана од турските сили (безбедносна зона), потенцирајќи дека ќе посвети најголемо внимание да не се нанесе штета на цивилите и цивилната инфраструктура.
8. Двете држави ја повторуваат својата посветеност кон политичкото единство и територијалниот интегритет на Сирија и политичкиот процес предводен од ОН, чија цел е да се стави крај на сирискиот конфликт во согласност со Резолуцијата 2.254 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
9. Двете страни се согласија за собирање на тешкото оружје од ЈПГ, уништување на сите борбени позиции на ЈПГ и потребата за продолжување на активностите за создавање безбедна зона за да се елиминира загриженоста на Турција за својата национална безбедност.
10. Безбедната зона, пред сѐ ќе биде под контрола на Турските вооружени сили и обете страни ќе ја зголемат координацијата во спроведувањето на безбедната зона во секој аспект.
11. Турската страна ќе ја запре операцијата „Извор на мирот“ за да се обезбеди повлекување на ЈПГ од безбедната зона во рок од 120 часа. Операцијата „Извор на мирот“ ќе биде прекината по завршувањето на ова повлекување.
12. Кога операцијата „Извор на мирот“ ќе биде запрена, САД нема да воведат дополнителни санкции во согласност со претседателската уредба насловена како „Blocking Property and Suspending Entry of Certain Persons Contributing to the Situation in Syria“ од 14 октомври 2019 година. Кога операцијата „Извор на мирот“ ќе биде прекината во согласност со точка 11, постојните санкции од претседателска уредба ќе бидат укинати.
Во последната точка од заедничкото соопштение се наведува дека обете страни се заложиле да работат заедно за спроведување на сите цели запишани во оваа изјава.