АНКАРА - Анализирајќи повеќе извори, Агенција Анадолија (АА) дојде до заклучокот дека пандемијата на новиот тип коронавирус предизвика нарушување на образованието на учениците во 184 земји од светот.
Вкупниот број ученици во земјите од светот кои се зафатени со пандемијата на Ковид-19 изнесува приближно 87%, што во бројки изнесува нешто над 1,5 милијарда лица.
Спроведеното истражување покажа дека во земјите во кои владее пандемијата на новиот тип коронавирус училиштата се затворени и во нив на национално ниво не е формиран образовен систем на учење на далечина.
Откако во Турција како превенција против пандемијата на коронавирусот Ковид-19 беше запрена наставата во образованието, Министерството за образование на оваа земја спроведе активности во чии рамки се отворени три нови телевизиски канали и зголемени се капацитетите на Информативната мрежа за образование (EBA), по што започна учењето на далечина за повеќе од 18 милиони ученици.
На телевизискиот канал ТРТ ЕБА на 23 март започна учењето на далечина како проект на турското Министерство за образование и со препорака на Научниот одбор, донесена е одлука оваа настава да продолжи до 30 април.
Отворени се различни телевизиски канали за учениците во основните и средните училишта, а наставата за сите генерации во основните училишта и за четири генерации од средните училишта се одржува во наставни часови со времетраење од 20 до 25 минути, која трае до вечерните часови.
Информативната мрежа за образование (EBA) е најголема дигитална образовна платформа на светот која преку интернет на учениците им нуди повеќе од 1.600 часови настава и над 20.000 интерактивни содржини.
На учениците им се препорачува наставата да ја следат преку ТРТ ЕБА ТВ, каде што се одржува повторување на наставата, која можат да ја користат и за недостатоците на темите и за прашања поврзани со темите. Учениците претходно се информираат во колку часот ќе биде емитувана нивната настава со цел да не дојде до преоптоварување на системот на Информативната мрежа за образование (EBA).
- Бесплатна интернет-поддршка за Информативната мрежа за образование (EBA)
Трите најголеми ГСМ-оператори во Турција нудат бесплатна интернет-услуга до 8 ГБ со цел непречена работа на Информативната мрежа за образование (EBA), која нуди пристап до сите предмети преку интернет.
- Учениците и наставниците се среќаваат во онлајн училници
Од друга страна, турското Министерство за образование започна пилот-студија за учениците во 8. одделение и 4. година во средните училишта за апликација на училница во живо, благодарение на која е овозможено предавање на интерактивни лекции, елиминирајќи го растојанието меѓу наставниците и учениците.
Се планира, благодарение на апликацијата во училницата во живо, да се приклучат 1 милион и 700 илјади ученици од 8. одделение и 1 милион ученици кои учат во последната година од средните училишта. По спроведувањето на пилот-студијата, се планира оваа апликација да биде воведена на ниво на цела Турција.
Наставниците во апликацијата за училница во живо ќе се приклучат од своите домови, во координација со телевизиската настава, по што на своите ученици ќе им задаваат задачи и организираат активности во вид на прашање-одговор-тест преку Информативната мрежа за образование (EBA).
Во меѓувреме формиран е Контролен центар на ЕБА, со цел брзо решавање на настанатите проблеми поради интензивното користење на интернет-мрежата од страна на милиони ученици кои истовремено ја следат наставата на далечина.
- Новитети во Информативната мрежа за образование (EBA)
Министерството за образование на Турција кое вложува напори за развој на наставните материјали по одделни предмети, од оваа недела во телевизиските емисии и во Информативната мрежа за образование ги интегрираше настаните на полето на уметноста, спортот и науката. Ова министерство подготви и 40 експериментални видеа кои децата заедно со своите семејства можат да ги направат во своите домови.
- На телевизиската програма ќе има часови за прашања и решенија
Освен тоа, во Министерството се подготвуваат програми кои ги опфаќаат темите од Испитот за високообразовните институции (YKS) на Турција и Системот за премин во средните училишта (LGS).
Во овој период преку каналите на ТРТ ЕБА подготвени се програми со дадени прашања и решенија за нив, со цел да им се даде поддршка на учениците кои се подготвуваат за своите испити. Во тие часови учениците ќе можат на телевизиските канали на ТРТ ЕБА да ги следат подготвените прашања за нив и нивното решавање.
Министерството, за да им овозможи и на родителите да земат активно учество во учењето на далечина на своите деца, подготви упатство, а во тек се и подготвителни активности на една генерација родители.
- Специјална Академска поддршка ЕБА за оние што се подготвуваат за универзитет
Учениците од 3. и 4. година во средните улилишта веќе интензивно го користат модулот за Академска поддршка на ЕБА што се користи за подготовка при упис на универзитет кој пред кусо време беше ставен во употреба. Системот кој е засилен со вештачка интелигенција (AI) во периодот на учење на далечина е бесплатен за пристап и за учениците од приватните училишта.
- По завршувањето на прекинот во образованието, ќе започне со надополнување на наставата
По завршувањето на прекинот во образованието и отворањето на училиштата за образование и обука, забрзано ќе започне надополнување на наставата. По ова прашање активна улога ќе земат курсевите за поддршка и подготовка. Доколку е потребно, ќе бидат подготвени сите видови надополнувања, во кои се вклучени и викенд и летни пакети, со цел учениците да ги постигнат очекуваните цели на крајот од училишната година.
- Можностите за учење од далечина во Кина
Министерот за образование на Турција, Зија Селчук, претходно имаше изјавено дека учењето на далечина на полето на образованието во димензии како што се спроведува во Турција, има само уште во Кина.
Набргу по започнувањето на епидемијата на новиот тип коронавирус, Кина ги активираше опциите за учење на далечина на национално ниво. Во Кина започна да се користи системот Cloud, кој овозможува милиони лица истовремено да се образоваат преку интернет, а во исто време зајакната е инфраструктурата на интернетот за да може наставата да се спроведува во онлајн училници во живо.
Од друга страна, во некои земји, во кои не е овозможено учење на далечина на национално ниво, се вложуваат напори за вакво учење на локална основа.