Senita Sehercehajic
05 Февруари 2025•Ажурирај: 06 Февруари 2025
БЕЛГРАД (АА) - Поради притисокот на властите врз вработените во образованието што престанаа да работат во знак на солидарност со барањата на студентите во блокадата, се одржа протест пред седиштето на Министерството за образование на Србија во Белград, јавува Анадолу.
На протестот учествуваа и дел од студентите во блокадата, средношколци и граѓани, а беа поканети и деканите на осум факултети на кои се школуваат наставници и професори поради притисокот врз вработените во училиштата што ги поддржаа студентските барања.
Учесниците апелираа до Министерството за образование на Србија да престане да праќа инспекции во училиштата каде што работата е прекината.
Во 11:52 часот насобраните одржаа 15-минутно молчење во спомен на 15 лица што загинаа при падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
По трагедијата во Нови Сад започнаа студентски протести и блокади на факултетите, а до надлежните беа упатени барања за објавување на документацијата за реконструкција на натстрешницата и утврдување одговорност за смртта на 15 лица.
Десетици илјади граѓани низ Србија им се придружија на студентите на протестите. Голем број училишта ја прекинаа наставата од 20 јануари како поддршка на барањата на учениците и лошата финансиска состојба во образованието.