Besar Ademi
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
СКОПЈЕ (AA) - Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници во Македонија го претстави истражувањето насловено „Колку се еднакви и безбедни младите во Македонија во нивниот сексуален развој и сексуалните искуства?“ јавува Anadolu Agency (AA).
Податоците од ова истражување, главно врз основа на сексуалното однесување, интересите и заштитата на младите лица (на возраст од 15), се добиени со директно учество на Македонија во истражувањето ХБСЦМ, меѓународно истражување за здравјето на децата од училишна возраст (11 години, 13 години и 15 години), кое се спроведува на секои четири години, во 44 земји од Европа и од Северна Америка.
Истражувањето покажува дека во Македонија, 36 проценти од момчињата на возраст од 15 години имале сексуални односи, додека сексуално искуство имале 3 отсто од девојчињата.
Во истражувањето се истакнува дека во европските земји, 24 отсто од момчињата на возраст од 15 години имале сексуално искуство, а тој процент кај женскиот пол од иста возраст изнесува 17 отсто. Извршниот директор на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Ирена Цветковиќ истакна дека отворањето на јавна дебата на овие прашања е првиот и најважен чекор кон подобрување на благосостојбата на младите луѓе во Македонија.
„Она што го покажува нашето искуство е дека во образованието се потребни системски реформи за да знаеме од каде да почнеме. Решивме да инвестираме во еден ваков тип на истражување коешто ќе ни помогне да го одговориме прашањето: колку се нашите млади безбедни и еднакви во училиштето, во образованието, во една средина во којашто тие го поминуваат клучниот период од својот личен индивидуален развој“, истакна Цветковиќ.
Истражувањето беше претставено од страна на главниот истражувач на теми на сексуалноста во образованието, Лина Костарова-Унковска, која истакна дека овие резултати укажуваат на тоа дека прашањето за сексуалните теми е голем предизвик за образованието во Македонија.
„Ние мораме веќе да почнеме да се однесуваме сериозно во однос на сознанијата што во другите средини веќе се завршена работа. Не можеме да градиме вистини на некакви стереотипни слики, на предрасуди, бидејќи и по резултатите, тоа нè води во ќорсокак и на никаков начин не го потпомага развојот на младите во Македонија“, рече Лина Костарова-Унковска.
Според истражувачите, игнорирањето на темите за сексуалноста во образованието во Македонија носи висок ризик за сексуалното здравје и за репродукцијата кај младите луѓе, како и за нивното ментално, емоционално и социјално здравје.
Истражувачите веруваат дека образованието треба да биде главен катализатор за кршењето на табуата и за поставување на овие прашања на еднакво ниво меѓу приоритетите за подобро здравје.