Doga Kirmizioglu
16 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Европската фудбалска организација (УЕФА) најави дека ќе започне истражување во врска со неодамнешните резултати на британските научници, кои тврдат дека честото ударање на топката со глава кај фудбалерите може да предизвика деменција и други нарушувања, јавува Aнadolu Agency (AA).
Раководството на УЕФА соопшти дека ќе го анализира неодамнешното научно истражување коешто покажа дека долгогодишните удари на топката со глава кај фудбалерите може да предизвикува оштетување на мозокот и деменција каква што често се појавува кај боксерите или кај професионалните играчи на американскиот фудбал.
„За да собереме повеќе информации за таа тема, УЕФА ќе започне сопствено истражување. Цел ни е да ги сведеме на најниско ниво здравствените ризици за младите фудбалери за време на тренингот и натпреварите“, се наведува во соопштението.
Без да го откријат името на клубот, од УЕФА е соопштено дека истражувањето ќе го поддржат и некои англиски тимови од Премиер лигата.
Научниците од универзитетот во Лондон и во Кардиф спроведоа истражување врз основа на податоците за 14 поранешни фудбалери, кои во период од 1980 година до 2010 година имаа проблеми со нервниот систем и се лекувани на психијатрија. Кај шестмина починати фудбалери со дополнителни тестови е утврдено дека имале излив на крв во мозокот.
Научниците тврдат дека постои логична и цврста врска меѓу честото удирање на топката со глава, судирањето на играчите со главите во текот на дуелите и појавата на оштетување на мозокот и развој на деменција кај тие играчи.
Здружението на професионални фудбалери на Англија уште минатата година упати апел на децата на возраст до десет години да им се забрани удирање на топката со глава, бидејќи ризикот е најголем кај младите фудбалери.