Турција, наука и технологија

Турција: Успешно тестиран хибридниот погонски систем „Сонда“, планиран да се користи на Месечината

„Чекор по чекор сè поблизу сме до Месечината. Сè поблиску сме до нашите цели во мисијата на Месечината.“

Sevgi Ceren Gökkoyun  | 19.07.2021 - Обновена : 20.07.2021
Турција: Успешно тестиран хибридниот погонски систем „Сонда“, планиран да се користи на Месечината

СИНОП (AA) – СЕВГИ СЕРЕН ЃОККОЈУН -

Тестирањето на ракетниот систем „Сонда“ (SORS), развиен со технологија на хибриден мотор, што се планира да се користи во беспилотното летало што ќе биде испратено на Месечината на 100-годишнината на Републиката, се завршени успешно, пишува Агенција Анадолија (АА).

Студиите за целите на Националната вселенска програма, објавени од страна на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на 9 февруари, продолжуваат да се објавуваат во континуитет.

Најзначајната краткорочна цел на програмата е спуштање на Месечината во 2023 година со вселенско летало, користејќи национални и оригинални технологии.

Турските инженери работат дење и ноќе за да се постигнат тие цели, вклучително и за моторите на ракетите што треба да бидат лансирани во вселената.

- Министерот Варанк на самото место ги испита активностите -

Министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, го посети Синоп за да на самото место се запознае со работите за хибридните ракетни технологии.

Министерот Варанк го посети Центарот за тестирање во Синоп, развиен од компанијата „Delta V Uzay Teknolojileri“ (Делта В вселенски технологии).

Варанк доби информации за фазите на подготвувањето на летот со ракетниот систем „Сонда“ (SORS).

- „Целта е да се премине границата на вселената“ -

Потсетувајќи дека една од целите на Националната вселенска програма е слетување на Месечината во 2023 година, Варанк за дописникот на Агенција Анадолија (АА) изјави: „Моментално започнавме со дизајнирање на нашето летало.“

Осврнувајќи се на тестовите извршени од компанијата „Delta V Uzay Teknolojileri“ (Делта В вселенски технологии) во Синоп, Варанк рече: „Крајната цел тука е да можеме со ракетните хибридни мотори да ја преминеме границата на вселената, за која се вели дека е 100 километри.“

Посочувајќи дека странска компанија (Virgin Galactic) неодамна патувала во вселената користејќи хибридни мотори, Варанк рече: „Ако можеме да го тестираме овој мотор, ќе постигнеме важна експанзија во областа на вселената со овие хибридни мотори. Турција ќе биде чекор понапред во оваа област.“

Објаснувајќи дека работите за „Мисијата на Месечината“ напредуваат успешно, Варанк додаде: „Чекор по чекор сè поблизу сме до Месечината. Сè поблиску сме до нашите цели во мисијата на Месечината.“

Тој истакна дека ќе го забрзаат процесот на испраќање луѓе во вселената, што е друга цел на Националната вселенска програма, и рече дека се свесни за интересот за оваа мисија.

- „Високи перформанси, напредна технологија“ -

Ариф Карабејоглу, генералниот директор на „Делта В“, истакнувајќи дека ракетниот систем „Сонда“ (SORS) има една од најнапредните технологии што се користат во светот, рече: „Зборуваме за мотор кој користи течен кислород и парафинско гориво, гори многу брзо и нуди високи перформанси.“

Претседателот на Турската вселенска агенција (TUA), Сердар Хусејин Јилдирим, истакнувајќи дека постигнале напредок во сите 10 цели во Националната вселенска програма, рече: „Кога ќе стигнеме во 2030 година, Турција ќе го заземе своето место како вселенска сила и ќе биде една од 7-8 земји во светот.“

- Се одбројуваше од 10 -

По завршувањето на процесот на полнење пред лансирањето и другите подготовки на сондата, која користи течен кислород како оксиданс, министерот Варанк и неговата делегација се преселија во зградата за контрола на лансирањето.

По последните безбедносни проверки, се одбројуваше од 10 и беше направен тестот за лансирање на ракетниот систем „Сонда“ (SORS). Ракетата „Сонда“ лансирана со команда на министерот Варанк успешно го помина тестот во Синоп.

Работите на компанијата „Делта В“ за достигнување на надморска височина многу поголема од 100 километри продолжуваат. Ракетниот систем „Сонда“ (SORS) со својот зголемен резервоар ќе има поголем капацитет за оксидирање. На тој начин, лансираната ракета ќе може да достигне надморска височина многу поголема од 100 километри.

Теренските тестови на големиот резервоар за оксидација, чие производство е завршено, треба да бидат извршени во август и да се искористат за лансирањето во септември.

- Претходните тестови поминаа успешно -

Вертикалното тестирање на погонскиот систем на ракетниот систем „Сонда“ (SORS) и хибридниот ракетен мотор, планирани да се користат во мисијата „Слетување на Месечината“, беа извршени во април, а тестовите беа завршени со полн успех.

Ракетниот систем „Сонда“ (SORS) има важно значење за „Мисијата на Месечината“, како и за демонстрација на успехот на Турција и технолошката компетентност во хибридните ракетни мотори.

- Хибридните ракетни мотори сè повеќе еколошки -

Хибридните ракетни мотори се иновативни ракетни системи добиени со комбинирање на цврсто гориво и течен оксидатор, и имаат предности од аспект на безбедноста, цената и екологијата, што не се наоѓаат кај цврстите или течните системи.

Овие системи станаа барани во комерцијалните вселенски активности каде што трошоците се приоритетни, а исто така и при туристичките летови каде чувствителноста за животната средина е во првите редови. Благодарение на ракетите со хибридно гориво ќе биде можно да се развијат системи за лансирање на новата генерација и погонски мотори од повисоко ниво. ​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.