Mehmet Fatih Erdoğdu,Fatma Eda Topcu
26 Јуни 2020•Ажурирај: 27 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ
Во индустриската зона во истанбулското подрачје Тузла денес свечено е отворена Биотехнолошка фабрика „LIVZYM“, а станува збор за прва фабрика за производство на индустриски ензими во Турција и целиот регион од Африка до Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченото отворање присуствуваа турскиот министер за индустрија и технологија Мустафа Варанк, министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли и други високи турски официјални претставници, а ресорниот министер Варанк изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред седум години одржал презентација на која најавил основање на Биотехнолошкиот институт и развој на индустриско производство на ензими.
„Со оваа фабрика ќе бидеме во можност да го намалуваме увозот на индустриските ензими во чија набавка досега бевме во потполност зависни од увозот. За увозот на различни ензими годишно трошиме 150 милиони долари. За некои пет години производствените капацитети ќе растат што ќе можеме 90 отсто од потребите за ензими да ги подмируваме со домашно производство“, изјави Варанк.
Тој изјави дека денешното отворање на фабриките во Истанбул е посебно важно поради тоа што ги зголемува капацитетите на фармацевстката индустрија и производство на лекови, при што тој комплекс, со дополнителни подготовки по потреба би можел да биде и погон за производство на вакцини.
Потсетувајќи дека под покровителство на Советот за научни и технолошки истражувања на Турција (ТУБИТАК) е основана платформа за борба против пандемијата на Ковид-19, Варанк изјави дека во Турција моментално се работи на 17 проекти кога станува збор за борбата против Ковид-19.
„Од тоа осум развојни проекти се за вакцини, а девет за лекови. Со гордост можам да кажам дека тие проекти ни по било што не заостануваат зад проектите кои се работат во остатокот на развиениот свет. Напротив, воведуваме нови методи кои досега никој не ги пробал. Ова е научна трка, а времето ќе покаже кои се победници“, изјави Варанк.