Gökhan Ergöçün
06 Февруари 2021•Ажурирај: 08 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - ГОКХАН ЕРГОЧУН -
Турција планира да започне клучни проекти поврзани со вселенските и здравствените технолошки сектори во 2021 година.
Во разговорот за Агенција Анадолија (АА), Мехмет Фатих Каџир, заменик-министерот за индустрија и технологијана Турција, рече дека одговорот на Турција во однос на пандемијата покажал дека земјата може да спроведе важни проекти во здравствениот сектор.
Тој потсети дека Турција произведе медицински уреди и лекови во тој период, со цел борба против пандемијата.
Додека неколку земји се соочуваа со недостиг на медицинска опрема и уреди во раната фаза на пандемијата, Турција направи пресвртница со производството на медицински вентилатори, клучни во процесот на лекување на Ковид-19, како и друга медицинска опрема.
Турција, исто така, за борба против пандемијата ја извезуваше или донираше оваа опрема во десетици земји, меѓу кои и во САД и земјите на ЕУ.
Заменик-министерот информираше дека четири турски биотехнолошки компании во моментот работат на производство на турски вакцини против Ковид-19.
„Значи, постои период на скок и на полето на медицинските средства и во медицината во Турција, а особено во биотехнологијата“, рече Каџир.
Потенцирајќи ги турските проекти за автономни возила, заменик-министерот рече дека Турција води и четири значајни револуции во автомобилскиот сектор: за електричните мотори, возилата поврзани со интернет, каршеринг и автономната технологија.
„За период од десет години, повеќе од половина од возилата ќе бидат електрични автомобили. Во наредниот период, автомобилите ќе бидат поврзани со други автомобили, со патишта, па дури и со нашите тела преку биосензори“, додаде Каџир.
- Автономен автобус -
Споменувајќи го првиот турски електричен и автономен автобус - Карсан атак електрик - што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го тестираше оваа недела, заменик-министерот Каџир рече дека возилото има четврто ниво на автономни стандарди.
Постојат шест различни нивоа, од нула до пет, во автономната технологија. Нула нивото нуди само едноставни предупредувања, додека на четвртото ниво не му треба возач, а петтото не бара никаква човечка интервенција.
Но, овие типови возила можат да се возат во одредени ситуации.
Автобусот Атак електрик, долг 8,2 метри, може да вози до 300 километри без прекини, благодарение на неговите БМВ 220 киловатни ли-ион батерии.
Каџир рече дека Турција има многу успешни стартап и водечки проекти, како што е автомобилската групација ТОГГ, во областа на автономната технологија.
Формирана во 2018 година, групацијата ТОГГ се формира за соработка на пет индустриски гиганти, Групацијата Анадолу, БМЏ, Кок групацијата, Турксел и Зорлу холдинг, и покровителската организација, Унијата на комори и стокови берзи на Турција.
Во декември 2019 година, групацијата го претстави првиот прототип на турско електрично возило, што се очекува да се појави на пазарот во 2022 година.
„Веруваме дека Турција ќе биде успешна во оваа област. Наскоро ќе ја споделиме нашата стратегија за мобилност“, истакна Каџир.
- Електричен воз -
Турскиот заменик-министер за индустрија и технологија рече дека Турција се фокусира и на проектот за воз на електричен погон. Додаде дека проектот е во фаза на тестирање и дека наскоро ќе влезе во фаза на производство.
„Гледаме сериозен економски потенцијал на полето на железничкиот сообраќај. Ќе постигнеме успех“, потенцираше тој.
Потсетувајќи на првиот „еднорог“ во Турција (стартап компанија со вредност од над 1 милијарда долари) „Пик гејмс“ (Peak Games) - продадена на американската компанија за видеоигри „Зинга“ (Zynga) за 1,8 милијарди долари минатата година - Каџир рече дека Турција ќе продолжи со своите успеси и на тоа поле.