Meltem Bulur
01 Јуни 2017•Ажурирај: 02 Јуни 2017
АНКАРА (AA) - МЕЛТЕМ БУЛУР – Односите меѓу Европската Унија (ЕУ) и Турција се од големо значење за стабилноста на Балканот, порача во интервју за Anadolu Agency (АА), заменикот-премиер и министер за надворешни работи на Словенија, Карл Ерјавец.
Ерјавец вчера беше во посета на Анкара, и по тој повод се состана со високи турски претставници. Во разговорот за АА се осврна на односите меѓу двете земји, односите меѓу ЕУ и Турција, како и на бегалската криза.
Говорејќи за односите на неговата земја со Турција, Ерјавец истакна дека тие генерално се на високо ниво. Како што рече, односите со Турција се засновани на пријателство и меѓусебно почитување, односно на одржлив и конструктивен политички дијалог.
Тој потсети дека Турција пред 25 години ја призна независноста на Словенија.
„Во периодот кога Турција ја призна Словенија, сѐ уште не бевме членки на Обединетите нации (ОН). Тоа за нас е многу важно и ние сме ѝ благодарни на Турција за тоа“, рече Ерјавец.
Тој додаде дека во текот на вчерашниот состанок со турскиот премиер Бинали Јилдирим станало збор за можностите за соработка на подрачјето на земјите од Западен Балкан.
„Словенија на економски план е многу активна во регионот. Во Западен Балкан сакаме да ги обединиме капацитетите и искуствата на словенечките и турските компании. Сметам дека постои голем потенцијал за соработка во регионот“, нагласи словенечкиот министер.
Запрашан за миграциската политика на ЕУ, Ерјавец порача дека Унијата претходно немала ваква политика, па поради тоа неподготвена ја дочекала бегалската криза.
„Преку територијата на Западен Балкан во текот на кризата поминаа 630.000 мигранти. Договорот меѓу Турција и ЕУ го запре овој бран. Ја почитуваме Турција за нејзиниот придонес на овој план. Сакаме овој договор да трае“, рече Ерјавец.
Осврнувајќи се на односите помеѓу ЕУ и Турција, Ерјавец истакна дека се многу значајни за стабилноста на Балканот.
„Во случај Турција да се откаже од договорот за бегалците, тоа негативно би се одразило врз мирот и стабилноста. Во таа смисла, неопходно е дијалогот да продолжи. На ЕУ ѝ е потребна Турција, како што и на оваа земја ѝ е потребна ЕУ. Поради тоа сакаме да го продолжиме дијалогот. За целосно членство потребно е да се обезбедат сите услови“, објаснува Ерјавец, нагласувајќи дека членството на Турција во ЕУ е значајно, бидејќи Турција е дел од Европа.
Запрашан за коментар во врска со активностите на терористичката организација ФЕТО во неговата земја, Ерјавец рече дека во Словенија не е дозволено отворање на градинка, откако е установено дека сакаат да ја отворат лица поврзани со оваа организација. Тој додаде дека во неговата земја се работи на измена на законите со што се има за цел да се спречи радикализацијата во образовните установи.