Şahin Oktay
01 Јули 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
КОЏАЕЛИ (АА) - ШАХИН ОКТАЈ -
Студенти од Универзитетот „Коџаели“ во Турција развија пајак-робот со шест нозе, кој ќе се користи за офанзивни цели во воените операции кои се реализираат во тешки теренски услови, пишува Anadolu Agency (AA).
Јигитџан Озтурк, Исмет Хусрев Акај, Беркај Менѓуш и Кубилај Озчелик, студенти на Одделот за мехатроника на Универзитетот „Коџаели“, спроведоа истражувања околу роботските системи, под менторство на проф. д-р Зафер Бинѓул.
На крајот на овој проект, реализиран е дизајнот и моделирањето на системот на пајакот-робот кој ќе се користи на воен терен. Овој робот, кој е дизајниран според тешките теренски услови, може да се движи во различни насоки со своите 26 различни „зглобови“.
Теренските тестирања на овој робот, кој ќе биде дел од воените операции со вооружените системи кои ќе можат да се интегрираат врз него, успешно се завршени.

- Робот развиен со ограничен буџет -
Менторот на овој проект, проф. д-р Зафер Бунѓул, професор на Одделот за мехатроника на Факултетот за инженерство при Универзитетот „Коџаели“, во разговор со АА истакна дека во лабораторијата за роботика и автоматизација, додипломски, магистерски и докторски студенти ги реализираат своите трудови и дисертации.
Бинѓул нагласи дека во лабораторијата, во која работат на вистински системи, развиваат мехатронски системи, со цел решавање на проблемите со кои се соочуваат во одбранбената индустрија, и ги изведуваат нивните дизајни и контролни алгоритми.
Истакнувајќи дека неговите студенти овој проект го реализирале со ограничен буџет од 1.700 турски лири (околу 315 евра), Бинѓул рече дека нивната цел е да покажат дека можат успешно да го реализираат овој доста сложен систем.

- „Со поддршка, овој систем може да се претвори во многу попрофесионален“ -
Бинѓул истакна дека во иднина, наместо војници, во војни ќе војуваат роботи. „Колку вашите роботи имаат високи способности, толку успешна војна ќе реализирате. На овој робот може да се постави митралез или систем за ласерско оружје. Овие роботи можат да се користат во сите воени услови. Една од најзначајните карактеристики на овој систем со шест нозе е тоа што има многу голема способност за движење во тешки теренски услови“, додаде тој.
Проф д-р Бинѓул рече дека во овој случај, АСЕЛСАН, која е водечка институција во земјата во областа на одбранбената индустрија, може да даде придонес кон овој проект, со тоа што овој систем може да го претвори во многу попрофесионален.
Според него, во случај да развијат проект со еден поголем буџет, паралелно ќе ги зголемат способностите на овој систем кој го развија.
„Овој систем успешно работи, но треба да се направат подобрувања. Особено проектите од одбранбената индустрија бараат многу висок буџет, бидејќи критериумите кои се бараат во оваа индустрија се многу високи“, нагласи Бинѓул.