Gizem Nisa Çebi
03 Февруари 2025•Ажурирај: 06 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Астрономите открија нов астероид, 2024 ЈР4, кој има мала, но значајна веројатност да удри во Земјата на 22 декември 2032 година. Сепак, експертите потенцираат дека нема место за паника, јавува Анадолу.
Иако ова откритие звучи како сценарио од „лош холивудски филм“, астрофизичарот Џонти Хорнер, професор на Универзитетот во Јужен Квинсленд, уверува дека нема потреба од паника.
Во статијата објавена во петокот во „The Conversation“, медиум што објавува вести и анализи базирани врз истражувања, Хорнер нагласи дека од клучно значење е да се разбере траекторијата на астероидот.
- Шансата да удри во Земјата е еден спрема 77 -
Астероидот 2024 ЈР4 првпат е откриен на 27 декември 2023 година со телескоп, како дел од истражувањето АТЛАС во Чиле. Дополнителните набљудувања утврдија дека веројатноста да удри во Земјата е еден спрема 77.
„Се разбира, тоа значи дека има можност 76:77 дека ќе нè промаши“, објасни Хорнер во текстот.
Астрономите се обидуваат да ги усовршат своите пресметки. „Со секое ново набљудување на 2024 ЈР4 се зголемува и нашето знаење за неговата орбита“, истакна Хорнер.
Според него, сегашните модели покажуваат несигурност од околу 100.000 километри во проектираната траекторија на астероидот до 2032 година, што ја става Земјата на неговиот потенцијален пат.
Астероидот ќе стане премногу тешко видлив за набљудување до април 2024 година, но следното негово блиско поминување во декември 2028 година – на растојание од околу 8 милиони километри – ќе обезбеди клучна можност за прецизно одредување на неговата траекторија.
- Потенцијално влијание -
Процените укажуваат дека 2024 ЈР4 има дијаметар помеѓу 40 и 100 метри. Иако е значително помал од астероидот со дијаметар од 10 километри што ги уништи диносаурусите пред 66 милиони години, сепак би можел да предизвика значителна штета.
- Конечните одговори се очекуваат во 2028 година -
Иако светот ќе мора да почека до набљудувањата во 2028 година за да се потврди дали 2024 ЈР4 ќе ја погоди Земјата, Хорнер е внимателен, но прагматичен.
„По таа средба ќе знаеме со сигурност дали ќе има судир во 2032 година. А ако има, ќе може да предвидиме каде ќе удри на Земјата – веројатно со прецизност од неколку десетици километри.“
Научниците ќе продолжат да го следат астероидот, осигурувајќи се дека човештвото е подготвено за какви било потенцијални ризици од вселената.