Gökhan Yıldız
14 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Водечкиот турски произведувач на беспилотни летала, компанијата „Бајкар“, го претстави прототипот на турскиот беспилотен борбен авион наречен „Бајрактар Кизилелма“ (Црвено јаболко), што оваа компанија го разви со домашни ресурси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Развивајќи го беспилотното летало „Бајрактар TB2“, што претставува радикална промена во воената технологија, „Бајкар“ зад себе остави важна фаза во проучувањето на беспилотните борбени авиони, а првиот прототип од таквиот авион веќе влезе на интеграциската линија.
„Бајрактар Кизилелма“ со своите агресивни маневри и напредна вештачка интелигенција во иднина ќе биде помеѓу најсилните елементи на безбедносните сили на военото поле.
Главниот технолошки директор, Селџук Бајрактар, најави дека овој проект на „Бајкар“ е проект на борбениот систем за беспилотни летала (MIUS) наречен „Бајрактар Кизилелма“.
„По три и пол години во производната лента влезе поголема и пообемна риба“, напиша Бајрактар на социјалните мрежи.
- Беспилотни системи -
Тој порача дека „Кизилелма“ е цел кон која и понатаму се чекори и се тежнее.
„Секогаш ќе нè носи напред во иднината. Со 'Бајрактар Кизилелма' сакаме нашата нација, која со векови живее слободно, да го заземе своето заслужено место на небото и во вселената развивајќи висока технологија со визијата на Националното технолошко движење“, наведе Бајрактар, и додаде:
„Со оглед на тоа што мислевме дека 'Кизилелма' ќе му служи на нашиот народ и на човештвото, се одлучивме за ова име кое доаѓа од минатото на нашата древна цивилизација. Светот го гледа последниот борбен авион на 5. генерацијата ловци. Воени авиони со екипаж повеќе нема да се развиваат. Отсега најмоќните елементи на военото поле ќе бидат беспилотните системи. Ние работиме на тоа нашата земја да биде во трка со иднината.“
Производството на идеалниот „Бајрактар Кизилелма“ прв пат е споделено со јавноста на 20 јули 2021 година како подарок за Бајрам на првиот ден од Курбан бајрам. По осум месеци, беспилотниот борбен авион „Бајрактар Кизилелма“ е вклучен на линијата на интеграција.
„Бајрактар Кизилелма“, кој ќе има можност за слетување и полетување на бродови со кратки полетно-слетни писти, како бродот „ТЦГ Анадолу“, што Турција го изгради и во моментот спроведува тестови, ќе игра важна улога во прекуморските мисии. Со таа способност активно ќе учествува во заштитата на „Сината татковина“.
„Бајрактар Кизилелма“, кој е способен да води борба во воздух како борбените авиони со екипаж со агресивни маневри, со овие способности ќе ја промени рамнотежата на военото поле.
Авионот, чии развојни студии целосно ги спроведуваат турски инженери и техничари со искуство стекнато во проектите „Бајрактар ТБ2“ и „Бајрактар Акинџи“, ќе обезбеди ефикасност против воздушни цели со домашна муниција.
Карактеристиката на малиот радарски пресек, што се смета за едно од најклучните прашања во процесите на проектирање на воени авиони со екипаж, е земена предвид и при дизајнирањето на „Бајрактар Кизилелма“.
- Тежина на полетување шест тони -
„Бајрактар Кизилелма“, кој благодарение на ниската радарска патека успешно ќе ги извршува и најтешките задачи, би требало да има тежина на полетување од шест тони.
Авионот ќе ја користи сета муниција што ја развија турските инженери, а планираната носивост му е 1.500 килограми.
„Бајрактар Кизилелма“ има за цел да остане во воздух шест часа со радиус на мисија од 500 наутички милји (926 километри).
Компанијата „Бајкар“ успеа да ја направи Турција една од ретките земји способни да развијат беспилотни летала од офанзивна класа, а планирано е првиот пробен лет да биде извршен 2023 година.