Gökhan Zobar
14 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
ЕДРЕНЕ (АА) - Група велосипедисти од балканските земји, кои како крајна дестинација го имаат Чанаккале, Турција, по повод 18 Март, денот кога се навршуваат 107 години од победата во Чанаккале, пристигнаа во Едрене, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во знак на сеќавање на загинатите херои во Чанаккале, пет членови на Еколошко-планинарското друштво Скопје, што живеат во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, земајќи со себе симболично земја од земјите од каде што доаѓаат, на 10 март од Скопје тргнаа на патување со велосипед до Чанаккале.
Групата велосипедисти што влегоа во Турција на Граничниот премин „Капикуле“ по 5-дневно патување со велосипед, ја посетија Канцеларијата на гувернерот на Едрене.
Во разговор со заменик-гувернерот на Едрене, Јусуф Ѓулер, велосипедистите истакнаа дека од земјите во кои живеат носат поздрави во Турција.

Заменик-гувернерот Ѓулер им честита на групата велосипедисти за нивната значајна активност.
Сами Емин од Скопје, во изјавата за медиумите рече дека тргнале да го одбележат 18 Март, денот кога се навршуваат 107 години од победата во Чанаккале, и во чест на загинатите херои од Балканот, рече дека исто така сакаат да ја покажат својата љубов кон Турција.
Наведувајќи дека со почит и милост ги споменуваат загинатите херои во Чанаккале, Емин рече: „Донесовме и земја од нашите региони. Ги носиме и нашите молитви. Сакаме да ги споменеме нашите предци кои ги загубија животите во Чанаккале. Ние го носиме духот на нашите предци. Физички сме на Балканот, но тука сме со дух. Ние сме љубители на Турција.“

Емин исто така додаде дека срцата на неговите сонародници кои живеат на Балканот чукаат за Турција.
Потсетувајќи дека по обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО на 15 јули, 3 дена симболично дежурале во Скопје, Емин рече: „Истите непријатели продолжуваат со активностите. Против непријателите од 15 јули ние дејствуваме во духот на Чанаккале.“
Камуран Хирдаг изјави дека неговите предци го загубиле животот во борбата за независност на Турција.
Истакнувајќи дека во Турција се чувствуваат како дома, Хирдаг рече: „Ова патување го правиме во спомен на нашите дедовци и во спомен на сите наши балкански шехиди. Патувавме под тешки услови, но условите на нашите дедовци беа потешки.“
Групата велосипедисти направија слично патување со велосипеди во 2019 година, кои тргнувајќи од Скопје, преку Грција пристигнаа во Чанаккале.