Првпат кинески хирурзи пришиле откинато уво на стапало на пациентка, па го вратиле на место
- Поради тешкото оштетување на ткивото и крвните садови на скалпот, лекарите утврдиле дека увото не може да биде пришиено сѐ додека ткивото не заздрави, појасни Чиу Шенќијанг, заменик-директор на Одделот за микрохирургија во болницата „Шандонг“
ИСТАНБУЛ (АА) - Првпат во светот кинеските хирурзи пресадиле откинато уво на пациентка на нејзиното стапало како привремена мерка за да го спасат пред да го вратат на место, објави денес „Саут Чајна морнинг пост“, јавува Анадолу.
Според весникот, на жената ѝ било откинато увото во несреќа на работното место, кога тешка машинерија ѝ нанела и сериозни повреди на скалпот, доведувајќи го нејзиниот живот во опасност.
Хируршкиот тим веднаш се фокусирал на санирање на повредите на скалпот, изјави Чиу Шенќијанг, заменик-директор на Одделот за микрохирургија во провинциската болница „Шандонг“ во градот Џинан во Источна Кина.
Меѓутоа, поради тешкото оштетување на ткивото и крвните садови на скалпот, лекарите утврдиле дека увото не може веднаш да биде повторно пришиено сѐ додека не заздрави ткивото, појасни Чиу.
За да го зачуваат органот, хирурзите решиле привремено да го пришијат увото на горниот дел од стапалото на пациентката.
Како што објасни лекарот, артериите и вените во стапалото биле висококомпатибилни со оние на увото, што овозможило нормална циркулација на крвта.
Во период од пет месеци скалпот и вратот на пациентката заздравувале со помош на трансплантации на кожа земена од нејзиниот стомак.
Во октомври хирурзите успешно извршиле шестчасовна операција при која увото било вратено на место, со што случајот влезе во медицинската историја како прв од ваков вид.
