ИСТАНБУЛ (АА) – ДИЛАН ПАМУК –
Најновите научни истражувања открија дека за загадената атмосфера и за забрзаните климатски промени придонесуваат гасовите што се испуштаат од мистериозните кратери во руски Сибир, како и големите пожари кои се сè почести во тој регион, пишува Агенција Анадолија (АА).
Кратерите на сибирските полуострови Јамал и Гидан настанале како резултат на експлозии на метан под земјата, а научниците ја истражуваат оваа појава и гасовите што кратерите продолжуваат да ги испуштаат.
Првиот од кратерите се појавил во 2014 година на полуостровот Јамал, кој се смета за место со најголеми резерви на природен гас во светот. Експертите, кои снимиле и истражиле 20 кратери, заклучиле дека овие кратери настанале како последица на експлозии на метан под влијание на глобалното затоплување.
- Бројот на кратери зголемен во последните години со глобалното затоплување -
Евгениј Чувилин, научник од Институтот за наука и технологија „Сколково“ во Русија, една од водечките установи што се занимава со истражување на кратерите во Западен Сибир, за Агенција Анадолија изјави дека ефектите од климатските промени може да се воочат и во слоевите на замрзнати карпи формирани пред неколку десетици илјади години.

„Во текот на последните 40-50 години, северниот дел на Западен Сибир е сведок на раст на просечните температури на воздухот за околу три степени, подолги лета, пообилни врнежи и подебела снежна покривка. Одложените ефекти од глобалното затоплување резултираа со подлабоко сезонско топење на карпите и поголем пермафрост. Термичкиот ефект предизвикан од повисоките температури на воздухот се спушта од 25 до 30 метри длабоко во слојот на пермафростот во арктичката тундра, додека температурите во горниот хоризонт на пермафростот на длабочина од 10-15 метри се зголемени во просек за 0,3 до 1 степен Целзиусов во последните десет години“, рече Чувилин.
Осврнувајќи се на процесите на формирање кратери на полуостровите Јамал и Гидан, Чувилин рече дека на таа појава ѝ претходи акумулирање на метан под притисок под глечерите во подрачјата каде што пермафростот е плиток.
- Емисиите на стакленички гасови од Сибир во атмосферата не можат да се спречат -
Истакнувајќи дека зачестеноста на формирање кратери во регионот во последните години е зголемена под влијание на глобалното затоплување и дека тој пораст се случува истовремено со затоплувањето на Северниот Пол, Чувилин рече дека шуплините на компримиран гас настанати пред отворањето на кратерот може да имаат зафатнина од 1.000 метри кубни. Тој наведе дека експлозија во заситен вакуум може да ослободи десетици илјади кубни метри метан во атмосферата.
„Откриени се околу 20 кратери. Во арктичката тундра наскоро ќе се појават нови кратери и ерупции бидејќи глобалното затоплување ќе продолжи и ќе се забрза според одредени проценки“, наведува Чувилин.
- Кратерите се предвесник на катастрофа за глобалната клима -
Скот Золкос од Центарот за климатски истражувања „Вудвел“ изјави дека гасот метан што се ослободува од кратерите може да ги забрза климатските промени.
„Количината на стакленички гасови што се испуштаат во воздухот од еден кратер има многу мало влијание врз климатските промени. Меѓутоа, во пермафростот има повеќе јаглерод отколку во атмосферата, кога ќе се одмрзне и ќе го ослободи, дел од тој јаглерод може да се ослободи во атмосферата и дополнително да ги забрза климатските промени. Тоа претставува закана од катастрофа за глобалната клима“, предупреди Золкос.
Наведувајќи дека не постои инженерско решение за запирање на мешањето на стакленичките гасови од метанските кратери во атмосферата, Золкос рече дека северните региони се загреваат околу двојно побрзо од остатокот од Земјата.
„На глобално ниво, најефикасниот начин за сузбивање на емисиите на стакленичките гасови од одмрзнувањето на пермафростот е целосно запирање на одмрзнувањето преку ставање крај на користењето на фосилни горива за запирање на климатските промени“, рече Золкос.
- Кратерите како знаци на климатските промени -
И Брендан Роџерс од Центарот за истражување на климата „Вудвел“ во Соединетите Американски Држави, исто така, ги опиша кратерите низ северниот регион на пермафростот како знаци на климатски промени и рече дека ќе ги има сè повеќе во иднина.
Истакнувајќи дека во пожарите во Сибир е оштетен материјалот на пермафростот што го штити замрзнатиот слој на тлото од одмрзнување, Роџерс нагласи дека пожарите го забрзуваат одмрзнувањето на пермафростот, зголемувајќи ги емисиите на стакленички гасови во атмосферата и ескалацијата на климатските промени.
„Депресиите на одмрзнување или други видови одмрзнување на пермафростот, предизвикани и влошени од тешките временски услови, како поради човекот, така и поради климатските промени, сугерираат дека луѓето фундаментално ги менуваат екосистемите и ги намалуваат клучните карактеристики на екосистемот“, рече Роџерс.
- Шумските пожари во Сибир не стивнуваат со месеци -
Професорот од Шумарскиот факултет при Универзитетот во Истанбул „Џерахпаша“, Доганај Толунај, смета дека шумските пожари во Сибир, кои траеја со месеци минатата година, а повторно избувнаа на 6 мај годинава и сè уште не се изгаснати, се уште една од последиците на климатските промени во регионот.
„Факт е дека е тешко да се изгаснат пожарите што ги зафаќаат таквите подрачја во Русија, бидејќи тоа се главно недопрени екосистеми, каде пожарите се шират на големи површини и гори запалив материјал наталожен на тлото“, рече Толунај.
Наведувајќи дека шумите во северните географски широчини растат прилично бавно поради студот, Толунај рече дека пожарите во овие шуми ослободуваат големо количество јаглерод диоксид и дека обновувањето на шумите е исклучително тешко.