09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
ЛОНДОН (АА) - Научниците од Нов Зеланд за првпат пронајдоа микропластика во свежо паднат снег на Антарктикот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Истражувачите од Универзитетот во Кантербери во Нов Зеланд собраа примероци од 19 локации на Антарктикот и сите содржеле пластични фрагменти, јави „Би-би-си“ (BBC).
Микропластиката е резултат на ерозијата на пластичните материјали и е помала од зрно ориз, понекогаш дури и невидлива со голо око.
Во просек, пронајдени се 29 честички на литар стопен снег, а идентификувани се 13 вида пластика, од кои најзастапен е полиетилен терефталат (ПЕТ), кој главно се користи во шишиња со безалкохолни пијалаци и облека. Овој вид е пронајден во 79 отсто од примероците.
„Најверојатниот извор на оваа микропластика во воздухот се локалните научни истражувачки станици“, напиша истражувачот Алекс Авес во списанието „Криосфера“ (Cryosphere).
Се наведува дека ваквата форма на загадување може да има локални и пошироки последици.
„Микропластиката може да има штетни материи залепени на својата површина како што се тешки метали, алги“, рече Лаура Ревел, вонредна професорка на Универзитетот во Кентербери, која, исто така беше вклучена во истражувањето.
Експертите велат дека луѓето вдишуваат и внесуваат микропластика преку воздух, вода и храна.
Не се направени многу истражувања за нивното влијание врз човековото здравје, но едно истражување на Медицинскиот факултет „Хал Јорк“ и Универзитетот „Хал“ минатата година покажа дека високите нивоа на проголтана микропластика во човечкото тело имаат потенцијал да предизвикаат штетни ефекти, вклучително и клеточна смрт и алергиски реакции.
Исто така, се наведува дека микропластиката може да го зголеми влијанието на глобалното затоплување.
Снежните полиња, ледените карпи и глечерите низ светот веќе брзо се топат, а научниците велат дека микропластиката со темна боја депонирана на овие локации може да ги влоши работите со апсорпција на сончевата светлина и засилувањето на затоплувањето.