Fuat Kabakcı
27 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
ПЕКИНГ (АА) - Заврши подготовката на прототипот на кинескиот супер компјутер „Tienhı-3“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави кинеската информативна агенција „Синхуа“, во градот Тјенцин, Националниот центар за супер компјутер и Универзитетот за национална одбранбена технологија заеднички изработија прототип кој ги мина тестовите на кинеското Министерство за наука и технологија.
Се истакнува дека „Tienhı-3“ до 2020 година ќе биде оперативен, а новиот компјутер во однос на „Tienhı-1“ ќе биде 200 пати побрз и ќе има 100 пати поголем мемориски простор.
Лиу Гуангминг, претседател на Националниот центар за супер компјутер изјави дека очекува новиот супер компјутер да поседува технологија која ќе ги решава проблемите во земјата на полето на науката и економијата.
Минг Сиангфеј, претседател на Одделот за истражување и развој во Националниот центар за супер компјутер рече дека во основата на изградбата на супер компјутерот „Tienhı-3“ ќе се користи вештачка интелигенција, голем број податоци, систем „cloud“ и платформа за комуникации со високи перформанси која меѓусебно ќе ги интегрира во супер компјутерот.
„Супер компјутерот ќе има значајна улога во метеорологијата, воздухопловството, истражување на земјотреси, откривање енергетски извори, генетски инженеринг и во областите каде што е потребна обработка на големи податоци“, изјави Минг.
Минатата година беше соопштено дека супер компјутерот „Tienhı-3“ во потполност ќе биде изработен од кинески компоненти, од процесор до оперативен систем и ќе има капацитет да извршува 1 квинтрилион операции во секунда (1 квинтрилион = 1.000.000.000.000.000.000 или 10 на 18 степен).
Кина претходно ги имаше конструирано супер компјутерите „Tienhı-1“, „Tienhı-2“ и „Sunway Taihulight“ и на натпреварувањето за најбрз супер компјутер што се одржува на секои 6 месеци го освои првото место.