İbrahim Hakkı Çetinkaya
12 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Истражувањата покажаа дека секоја година од различни причини во светот исчезнуваат 2 проценти од инсектите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во студијата објавена во американското списание „Proceedings of the National Academies of the Sciences“ се наведува дека приближно 2 проценти од инсектите во светот секоја година исчезнуваат поради климатските промени, пестицидите, хербицидите, светлосното загадување, земјоделските фактори и поради промените во користењето на земјиштето.
Свој придонес во студијата дале 56 научници од различни делови на светот.
Главниот автор на студијата и ентомолог од Универзитетот „Конектикат“, Давид Вагнер, истакна дека е важно да се разбере дали стапката на загуба на инсектите е поголема од онаа на другите видови.
Тој, наведувајќи дека инсектите се на удар на отровите, хербицидите и светлосното загадување, рече дека затоа загриженоста за нивното исчезнување е поголема.
Наведувајќи пример, Вагнер рече дека бројот на пчели што прават мед драматично опаднал поради болести, паразити, пестициди, хербициди и недостаток на храна.
Тој, исто така, нагласи дека пеперутките монарх настрадале и исчезнале поради недостиг на млечните треви како резултат на сувото време предизвикано од климатските промени во западниот дел на САД.
Нагласувајќи дека промените во американското земјоделство ги уништуваат плевелите и цвеќињата потребни за нектар, Вагнер додаде: „Во голем дел од средна западна Америка создаваме огромна биолошка пустина. Се произведуваат само соја и пченка.“
Ентомологот Меј Беренбаум подвлече дека инсектите, што ги мразат голем број луѓе, се од витално значење за синџирот на исхрана и за природното уништување на отпадот.
Наведувајќи дека студијата покажува мал дел од проблемот на кој сакаат да го свртат вниманието, Беренбаум истакна дека научниците идентификувале 1 милион видови инсекти, и дека веројатно 4 милиони видови допрва треба да бидат откриени.