Övünç Kutlu
26 Јули 2024•Ажурирај: 27 Јули 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Извршниот директор на „КраудСтрајк“, Џорџ Курц, рече дека 97 % од виндоус-сензорите од вчера се повторно онлајн, откако нивното ажурирање предизвика голем глобален ИТ-прекин минатата недела, јавува Анадолу.
Курц, сепак, рече дека работата на компанијата сè уште не е завршена и дека таа останува посветена на воспоставување на секој погоден систем. „За нашите клиенти кои се сè уште погодени, ве молиме знајте дека нема да прекинеме додека не го постигнеме целосното обновување“, рече тој во објавата на ЛинкдИн.
Извршниот директор истакна дека „длабоко жали“ за прекинот и лично им се извини на сите што беа погодени од ИТ-прекините.
„Иако не можам да ветам совршенство, можам да ветам дејствување кое е фокусирано, ефективно и со сенс на итност“, додаде тој.
Курц нагласи дека напорите на компанијата се подобрени со техники за автоматско обновување и со мобилизирање на сите нејзини ресурси за поддршка на клиентите.
„Објавивме прелиминарен извештај за инцидентот со детали како се случи ова и мерките што ги преземаме за да спречиме такви инциденти во иднина“, додаде тој.
Прелиминарниот извештај на „КраудСтрајк“ во средата покажа дека ажурирањето на конфигурацијата на содржината влијаело на фалкон-сензорот, кој ги штити клучните ризични области и оперативниот систем Виндоус, предизвикувајќи глобален ИТ-прекин. Дефектот во ажурирањето на содржината минатиот петок, подоцна беше отстранет.
Глобалниот прекин погоди илјадници компјутери во светот минатиот петок и предизвика прекини кај уредите што го користат оперативниот систем Виндоус.