наука и технологија

Бумбарите научија да читаат „светлосен код“, покажува новото истражување за интелигенцијата на инсектите

– Во истражување за интелигенцијата на инсектите, научниците успеале да обучат бумбари да разликуваат кратки и долги блесоци на светлина – поедноставена форма на Морзеов код – со цел да пронајдат награда со шеќер, објави списанието „Биолоџи летерс“

Necva Taştan Sevinç  | 12.11.2025 - Обновена : 12.11.2025
Бумбарите научија да читаат „светлосен код“, покажува новото истражување за интелигенцијата на инсектите

ИСТАНБУЛ (АА) – Во новото истражување за интелигенцијата на инсектите, научниците успеале да обучат бумбари да разликуваат кратки и долги блесоци на светлина – поедноставена форма на Морзеов код – со цел да пронајдат награда со шеќер, објави списанието „Биолоџи летерс“, јавува Анадолу.

Експериментот, предводен од научникот по бихевиоризам Алекс Дејвидсон од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон, е прв од таков вид кога е забележано дека бумбар од видот бомбус терестрис или бумбар опрашувач, носи одлуки за собирање храна само врз основа на времетраењето на визуелниот сигнал.

„Сакавме да откриеме дали бумбарите може да ја научат разликата меѓу различни должини на блесокот и беше навистина возбудливо да ги гледаме како успеваат“, изјави Дејвидсон.

Во експериментот, бумбарите биле изложени на две трепкачки светлини во мал простор за собирање храна, едната со подолг блесок, а другата со пократок. Едниот од обрасците бил поврзан со шеќер, а другиот со горчлив раствор од хинин.

Во дел од тестовите долгиот блесок траел пет секунди, краткиот само една секунда, а во други тестови времетраењето било 2,5 и 0,5 секунди. Откако бумбарите постојано го избирале точниот образец, научниците ги отстраниле наградите за да проверат дали тие навистина го научиле временскиот образец, а не се воделе по мирис.

Дури и без присуство на шеќер, бумбарите продолжиле да го избираат светлосниот сигнал што претходно бил поврзан со награда, што покажува дека можеле да ја разликуваат должината на блесоците.

„Бидејќи бумбарите не се среќаваат со трепкачки визуелни стимуланси во природата, навистина е извонредно што успеаја во оваа задача“, изјави Дејвидсон.

Тој додаде дека способноста да се следи времетраењето на визуелните сигнали може да укажува на развиена способност за мерење на времето, која служи и за други цели – како ориентација во просторот или комуникација.

„Можно е оваа способност за мерење време да претставува основна карактеристика на нервниот систем“, истакна тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.