Tuba Onğun
18 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
АНКАРА
Во извештај за користењето на социјалните медиуми се наведува дека бројот на корисници на социјалните медиуми низ светот се искачи за 10 проценти на годишно ниво и изнесува 4,62 милијарди во јануари 2022 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројката е еднаква на 58,4 проценти од светската популација, покажа извештајот на агенцијата „Ви ар сошиал“ (We Are Social) со седиште во Њујорк и фирмата за управување со социјални медиуми „Хутсуит“ (Hootsuite).
Со 2,91 милијарда корисници, „Фејсбук“ (Facebook) ја освои титулата на најомилена платформа за социјални медиуми во светот во јануари.
Следен е „Јутјуб“ (YouTube) со 2,56 милијарди корисници, „Ватсап“ (WhatsApp) со 2 милијарди, „Инстаграм“ (Instagram) со 1,48 милијарди, „Вичат“ (WeChat) со 1,26 милијарди и „Тикток“ (TikTok) со 1 милијарда.
Извештајот во јануари покажа дека луѓето во просек поминуваат 2 часа и 27 минути на ден на социјалните медиуми.
Времето кое луѓето го поминуваат на социјалните медиуми порасна за 2 минути на ден или 1,4 проценти во споредба со истиот период од минатата година.
„Сепак, уделот на социјалните медиуми во целокупното време на интернет, всушност малку се намалило на почетокот на пандемијата со Ковид-19, главно затоа што луѓето прифатија различни нови онлајн активности во текот на изминатите две години“, се наведува во извештајот.
„Јутјуб“ е апликација на која се поминува најмногу време од апликациите за социјални медиуми на телефоните „Андроид“, и исто така, го забележува највисокото просечно време по корисник со речиси цел ден, 23,7 часа.
Следуваат „Фејсбук“ и „Тикток“ со 19,6 часа во однос на вкупно поминатото време, „Ватсап“ со 18,6 часа и „Инстаграм“ со 11,2 часа.
Во меѓувреме, извештајот откри дека најголем дел од времето поминато на интернет на мобилни телефони помеѓу корисниците од 16 до 64 години имало кај Филипинците, 5 часа и 47 минути.