Övünç Kutlu
26 Мај 2017•Ажурирај: 28 Мај 2017
ЊУЈОРК (АА) - Марк Цукерберг, соосновач на една од најголемите социјални мрежи во светот, „Facebook“ се стекна со диплома од Универзитетот „Харвард“, каде што пред неколку години ги напушти студиите пред да дипломира, јавува Anadolu Agency (AA).
Цукерберг во 2004 година, во втората година од своите студии го напушти Универзитетот „Харвард“, кој се смета за една од најпрестижните високообразовни установи во Соединетите Американски Држави (САД). Тој студирал компјутерско инженерство и психологија, а по 13 години учествуваше на церемонијата за дипломирање на „Харвард“.
Тој ја доби својата диплома на церемонијата за дипломираните. „Мајко, секогаш ти велев дека ќе се вратам за да ја земам дипломата“, напиша Цукерберг во својата објава на „Facebook“.
Објавената фотографија на Цукерберг на која тој ја држи дипломата в рака, облечен во традиционалната тога и капа, доби милиони лајкови на „Facebook“.
Меѓу другото, Цукерберг, кој за време на своите студии на „Харвард“ ја основа социјалната мрежа „Facebook“, но потоа го напушти универзитетот за да се посвети на својата социјална мрежа, со богатство од 65 милијарди долари е најмладиот милијардер, а воедно и петтиот најбогат човек во светот.
По компаниите-гиганти како „Apple“, „Google“ „Microsoft“ и „Amazon“, со пазарна вредност од 446 милијарди долари „Facebook“ е петтата највредна компанија во светот.
Најбогатиот човек на светот, Бил Гејтс, по основањето на Microsoft го напушти Универзитетот „Харвард“ во 1975 година, од каде што во 2007 година се стекна со почесна докторска титула.