Ekipa
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
ДАКА (АА) - Агенцијата „Space X“ доцна синоќа го лансираше првиот сателит на Бангладеш во орбитата, јавува Anadolu Agency (АА).
„Falcon 9“ (Фалкон 9), надградената ракета која може да реализира повратни летови, го подигна комуникацискиот сателит „Bangabandhu-1“, наречен по основачот на земјата.
Лансирана е од Кејп Канаверал во Флорида, САД.
Претходното лансирање изведено во четвртокот не беше успешно.
Лансирањето, кое се емитуваше во живо, беше поздравено во Бангладеш, чии експерти изјавија дека сателитот ќе претставува пресвртна точка во телекомуникацискиот сектор.
Премиерката Шеик Хасина во денешното телевизиско обраќање рече дека овој сателит ќе претставува „огромна предност за информатичката технологија на Бангладеш, претставувајќи го нашиот влез во светскиот сателитски клуб“.
„Би сакала да се заблагодарам на „Thales Alenia Space“, фабриката за сателити во Франција, за изградбата на „Bangabandhu Satellite-1“, како и на „Space-X“ од САД, кој беше одговорен за лансирање на сателитот. Би сакала да се заблагодарам и на Русија, која ни овозможи да го користиме нејзиниот орбитален слот“, рече Хасина.
Сателитот ќе биде управуван од Џојдебпур во Газипур, во близина на главниот град на Бангладеш, и од уште една станица на југоистокот од земјата, која ќе служи како алтернативна станица.