Burak Dağ
26 Септември 2020•Ажурирај: 27 Септември 2020
ЕДРЕНЕ (АА) - Археолозите во северозападна Турција открија „сончев диск“ на камен олтар во античките тракиски населби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Енгин Бексач, раководител на Одделот за историја на уметност при Универзитетот во Тракија, за АА изјави дека тракискиот камен олтар, откриен во Едрене, датира од пред 3.500 години.
Објаснувајќи дека сончевиот диск на камениот олтар се користел за набљудување на движењата на Месечината и Сонцето, Бексач рече дека тоа е доказ дека Тракијците се занимавале и со астрономија.
При испитувањето на камениот олтар, каде што Тракијците вршеле религиозни ритуали и богослужба, Бексач заклучи: „Камениот олтар е еден вид храм каде што се изведувале ритуали и молитви на годишнини и во одредено време. Знаеме дека во овие храмови се изведувале ритуали за приближување до божицата Мајка.“
Бексач рече дека камениот олтар го открил пред многу години и одвреме-навреме спроведувал истражувања.
Тој рече дека откриениот „сончев диск“ дава важни податоци за нивото на разбирање на астрономските појави во тој период.
„Овој систем не го среќаваме многу во Источна Тракија. Нема многу примери во Едрене. Примери за ваков вид сончеви дискови има во Бугарија. Овие системи покажуваат дека храмовите биле користени за астрономски набљудувања.“