Barry Eitel
07 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Американската компанија „SpaceX“ успешно ја лансираше во вселената новата и најсилна ракета во светот, „Falcon Heavy“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иако поради ветрот беше одложено за два часа, лансирањето беше успешно изведено од комплексот Кејп Карневал на Флорида.

Тоа е голема пресвртница за компанијата на американскиот мултимилијардер Елон Маск, а во ракетата, во промотивни цели, во орбитата е лансиран и неговиот црвен спортски авомобил „Tesla Roadster“. Тој уште минатата година најави дека во „Falcon Heavy“ во орбитата ќе ја лансира најсмешната работа на која ќе се сети.

Со 27 интегрирани мотори, „Falcom Heavy“ е најмоќната ракета во светот, а воедно и најголемата ракета во комерцијалниот сектор. Ракетата во вселената може да носи до 63,5 тони товар, што е двојно повеќе од која било друга ракета.

Челникот и сопственикот на „SpaceX“, Маск, на социјалните мрежи објави видео снимка од ракетата со автомобилот на Тесла додека лета околу Земјата. На возачкото седиште, од автомобилот на Тесла, сместена е кукла облечена во астронаутски костум.

Иако „SpaceX“ првобитно имаше во план лансирањето на ракетата да го изведе пред четири години, синоќешното лансирање се смета за голем исчекор во тој сектор.