Barry Eitel
13 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) – Технолошкиот гигант „Apple“ (Епл) претстави три нови модели на „iPhone“ (ајфон), вклучувајќи го и „iPhone X“ без копче, јавува Аnadolu Agency (AA).
На презентацијата што се одржа во „Епл парк“, нов административен центар на „Apple“ во Калифорнија, извршниот директор Тим Кук прво ги претстави „iPhone 8“ и „iPhone 8 Plus“, новите верзии на легендарниот паметен телефон. Истакнувајќи пред присутните дека „има уште нешто“, Кук го претстави „iPhone X“ (десет), кој нема копчиња, а целата предна страна е екран.
„За време на последната декада, напредувавме иновација по иновација, доаѓајќи до овој момент, кога можеме да произведуваме производи коишто се многу попаметни, многу поспособни и многу покреативни од кога било претходно“, истакна Кук.
Со почетна цена од 999 долари за верзија од 64 гигабајти, „iPhone X“ е најскапиот „iPhone“ досега.
Телефонот е покриен со стакло и од задната страна, и има челична рамка. „iPhone X“ е отпорен на прав и на вода. Тој, исто така, ги има најдобрите способности на екранот, подобри од кој било „iPhone“, поради што компанијата го нарекува „супер ретина“.
Наместо да се користи отпечатокот од прст за идентификација на сопственикот, корисниците на „iPhone X“ можат да го вклучуваат телефонот преку софтвер за препознавање на лицето, функција наречена „Face ID“.
„Повеќе од една декада, нашата цел беше да произведеме 'iPhone' кој е целосно покриен со екран“ истакна директорот за дизајн на „Apple“, Џонатан Ајв. „'IPhone X' е реализација на таа визија“, додаде тој.
Во суштина, „iPhone 8“ е сличен на „iPhone 7“, но со подобар процесор, батерија и камера.
Компанијата исто така соопшти дека ја лансира третата серија на „Apple Watch“, паметен часовник, и новата верзија на дигиталниот медиумски приемник, „Apple TV“.
На 22 септември, „IPhone 8“ и „IPhone 8 Plus“ ќе бидат достапни во 27 земји, а ќе може да се порача од 15 септември. „IPhone X“ ќе биде достапен во повеќе од 50 земји, на 3 ноември, а ќе може да се порача од 27 октомври.