Sultan Çoğalan
27 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Британскиот министер на денешната официјална посета на Турција истакна дека Велика Британија ја поддржува Турција во борбата против ДАЕШ и ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на британската дипломатија, Џонсон, го повтори ставот за поддршка на Велика Британија кон Турција и нејзините институции во борбата против терористичката организација ФЕТО, која на 15 јули се обиде да изврши државен удар.
„Обидот за државен удар во Турција беше во потполност дивјачки, недемократски и злонамерен. Најдобар одговор на тоа беше задушувањето на тој обид. Сега и ние во нашата земја мораме со голема сериозност да гледаме на знаците на таа структура којашто се нарекува организација на ФЕТО“, изјави Џонсон.
Осврнувајќи се на страдањата на цивилите во Алепо, Џонсон изјави дека за најголемиот дел од тие злосторства е одговорен режимот на Асад и неговите сојузници, Русија и Иран.
„За време на посетата на камповите во Газиантеп, видов храбри напори на турската Влада во борбата против бегалската криза. Моментално, три милиони лица од Сирија се згрижени во Турција којашто вложува многу во камповите за тие луѓе. Горд сум што можам да кажам дека и Велика Британија не доцни во поддршката во таа борба“, изјави Џонсон.
Тој потсети дека Велика Британија го дели ставот со Турција за неопходноста на одлучната борба за неутрализирање на терористичките организации ДАЕШ и ПКК.
Официјалната посета во Анкара, шефот на британската дипломатија ја започна со утринска посета на Аниткабир, маузолејот на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, а потоа беше примен и од страна на турскиот премиер, Бинали Јилдирим.
Британската делегација, предводена од Џонсон, ја посети и зградата на Големото народно собрание на Турција, која беше цел на нападите на пучистите за време на неуспешниот обид за државен удар што на 15 јули во таа земја беше извршен од страна на терористичката организација ФЕТО.
Џонсон беше примен и од страна на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во Претседателската палата во Анкара.
Пред доаѓањето во Анкара, тој ги посети и сириските бегалци во Газиантеп, а во Истанбул се состана со турскиот министер за ЕУ, Омер Челик.