Evren Aydemir
19 Февруари 2017•Ажурирај: 20 Февруари 2017
МИНХЕН (АА) - Министерот за надворешни работи на Иран, Мохамед Џавад Зариф, изјави дека ниту една земја во светот не е во можност сама да воспостави безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
Зариф на 53. Минхенска конференција за безбедност изјави дека изворот на ноќната мора на тероризмот не потекнува само од динамиката на Западна Азија, и дека луѓето кои живеат на тоа подрачје се чувствуваат отфрлени.
Иранскиот министер верува дека сите земји треба да се состанат и да реагираат земајќи ги предвид желбите и очекувањата на другите.
„Ниту една земја во светот не може сама да воспостави безбедност, ниту пак можат силните земји заедно, отфрлајќи ги другите, да воспостават безбедност“, истакна Зариф.
Тој смета дека теророт потекнува поради чувството на луѓето дека се отфрлени од другите земји и поради окупацијата на странските сили, како што е случајот со Палестина. Тој истакна дека во Ирак не е возможно воено решение, туку дека е потребно да се изнајде политичко решение, и оти треба да се земат предвид очекувањата на спротивната страна.
Министерот за надворешни работи на Иран се осврна и на нуклеарното вооружување, и изјави дека целиот свет треба да биде исчистен од нуклеарното оружје.
„Ние нема да произведуваме нуклеарно оружје, точка. Нуклеарното оружје нема да ја воспостави ниту нашата, ниту безбедноста на другите“, појасни Зариф.
Запрашан да ја прокоментира употребата на хемиското оружје од страна на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад против цивилите, Зариф рече дека она што се случува во Сирија е вистинска трагедија, и оти не смее да се дозволи употребата на хемиското оружје.
Тој додаде дека Иран строго се противи на употребата на хемиско оружје, и потсети дека тој вид на оружје го поседуваат ДЕАШ и Ал Нусра.