Nurettin Coşkun
03 Јули 2016•Ажурирај: 04 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, изјави денес на неодамна отворениот мост „Османгази”, дека е утврдено кој го извршил терористичкиот напад на аеродромот Ататурк во Истанбул, како и мрежата на оние кои во тоа помагале, јавува Anadolu Agency (AA).
„Утврдено е сè во врска со нападот, кој го извел и кој помагал. Моменталоно во притвор имаме 29 осомничени лица. Со текот на времето ќе бидат познати сите детали. Точно е дека меѓу осомничените има државјани на различни земји. Ние ги анализираме сите податоци и можности”, рече Јилдирим.
Истакнувајќи дека Русија е сосед на Турција и дека привременото нарушување на билатералните односи не беше желба на ниту една страна, Јилдирим рече дека тие денови сега се минато и дека билатералните односи се враќаат на претходното ниво.
„Ние постојано велиме дека ова е време за јакнење на пријателствата и намалување на непријателствата. Затоа, со сите земји од црноморското и медитеранско соседство работиме на зајакнување на врските, развојот на меѓусебните инвестиции, трговијата и туризмот, и наместо криза создаваме нови можности. Убеден сум дека во наредните денови и со други земји ќе постигнеме нови позитивни работи”, истакна Јилдирим.
Потсетувајќи дека вчера од Мерсин кон Газа тргна турски хуманитарен брод со 11.000 тони помош, Јилдирим рече дека целта на Турција е задоволување на основните потреби на милион и пол палестински браќа во регионот.
„Бродот веќе пристигна во израелското пристаниште Ашдод и помошта тргнува кон Газа. Нашата најголема радост е на Бајрам, барем за момент да ги оддалечиме мислите на палестинскиот народ и децата од тешките проблеми со кои се соочуваат”, рече Јилдирим.
Шефот на турската влада Јилдирим, за време на обраќањето на новоотворениот мост „Османгази”, го најави почетокот на изградбата на новиот мост во Чанаккале кој ќе го носи името „Чанаккале 1915”, а почетокот на работата ја најави за 18-ти март следната година, кога ќе се одржува одбележувањето на битката на тој турски полуостров.