Ahmet Bayram
27 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
ИЗМИР (АА) - Претседателот на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим, осврнувајќи се на заканата од американскиот претседател Доналд Трамп, порача дека на Турција и на нејзиниот народ не може да им се упатуваат закани, и го повика Трамп да се откаже од говорот на закани, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот претседател на Турција ѝ се закани со санкции доколку не го ослободи американскиот свештеник Ендрју Крег Брансон, кому му се суди во Турција за шпионажа и делување во име на терористичките организации ПКК и ФЕТО.
„Нам не може да ни се упатуваат закани, на оваа нација не може да ѝ се упатуваат закани. Доколку сака долгорочно да ги развива односите со нас, мора да се откаже од говорот на закани“, порача Јилдирим.
Претседателот на турскиот Парламент во Измир потсети на здравствените проблеми на Брансон поради што одредениот притвор му е преиначен во домашен.
„Доколку САД се правна држава, тогаш тоа е и Турција. Поради тоа се во ситуација да ја почитуваат правната одлука. Нашиот совет е да го остават овој евтин говор на закани и да најдат начин да ја здобијат довербата на турскиот народ“, рече Јилдирим.
Тој додаде дека пред заканите не треба да заборават дека во САД се наоѓа Фетула Ѓулен, водач на терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година.
Брaнсон е уапсен кон крајот на 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за делување и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО.
На барање на Oбвинителството, судот во Измир на 18 јули му изрече мерка притвор за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението се наведува дека контактирал со членови на терористичката организација ФЕТО. Освен тоа, наведени се и неговите пораки дека му е жал што не успеал државниот удар во Турција, коj припадниците на ФЕТО се обидоа да го извршат на 15 јули 2016 година.
На Брaнсон му се заканува затворска казна во траење до 35 години.