Meltem Bulur
15 Август 2018•Ажурирај: 15 Август 2018
АНКАРА (AA) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со кризата со Соединетите Американски Држави (САД), изјави дека САД мораат да го почитуваат фактот дека секоја земја има своја чест, како и тоа дека ниту една земја денеска не е беспомошна и без алтернатива, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу денеска во Анкара се состана со министерот за надворешни работи на Судан, Ал-Дирдири Мухамед Ахмед, кој во главниот град на Турција престојува во повод 10. Амбасадорска конференција.
Одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со актуелната криза со САД, Чавушоглу истакна дека Турција во овој процес доби сериозна поддршка од пријателските соседни земји, но и од сите делови на светот.
„Последните случувања всушност на целиот свет му ги отворија очите. Сите видоа дека актуелната американска администрација од почетокот на мандатот има ставови без какво било почитување, сите знаеја дека економската моќ во нивните раце може грубо да ја искористат против секоја земја. Во таа смисла, секој бара начин да се спаси од доларот“, рече Чавушоглу.
Од друга страна, Турција, како што нагласи Чавушоглу, е земја која до денеска својата сила ја вложуваше во корист на своите пријатели и целото човештво, што земјите и народите секако го забележаа.
„Турција ќе остане при својот став. Ќе продолжиме постоечките проблеми да ги решаваме преку дипломатски пат. Но никогаш нема да го свиткаме вратот пред различни притисоци и наметнувања“, порача Чавушоглу.
Запрашан да ги прокоментира пораките од Вашингтон во врска со американскиот свештеник Ендрју Брансон, на кого турскиот суд денеска му го одби барањето за укинување на куќниот притвор, Чавушоглу порача дека САД и секоја друга земја, освен своите разочарувања, предвид треба да ги земат и разочарувањата на другата страна.
Потсети, исто така, дека САД ѝ испратија илјадници камиони со оружје на терористичката организација во близина на Турција и дека тоа оружје сега се продава.
Чавушоглу се осврна и на давањето поддршка на припадниците на терористичката организација ФЕТО, предавничката мрежа која стои зад обидот за пуч во Турција. Тој рече дека американските амбасадори во трети земји ги штитат припадниците на ФЕТО.
Турскиот министер истакна дека доколку некој извршил кривично дело, неопходно е за таа личност да има судски процес. Турција, како што рече, на САД им порача дека сите постоечки проблеми сака да ги реши преку дипломатски пат, а не со притисоци и наметнувања.
„Но таму е присутна една сериозна забуна. Присутно е едно разбирање каде што не се знае што се прави и се мисли дека резултатот може да се постигне со удирање со рака на маса. Тоа е и најтешкиот дел за сите земји“, рече Чавушолу и додаде:
„Нашиот совет до САД е адутите што ги имаат во рацете да не ги користат како оружје против Турција, но ниту против некоја друга земја. Тоа само ќе им нанесе штета на сигурноста и угледот на САД. Ниту една земја не е беспомошна и без алтернатива, секоја земја има своја чест. Тоа мора да го почитуваат“.