Uğur Çil
03 Март 2017•Ажурирај: 04 Март 2017
АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со откажаниот настан на кој турскиот министер за правда, Бекир Боздаг требаше да се сретне со Турците во Гермнија, рече: „Германија почна на систематски начин да ја спроведува оваа практика“, јавува Anadolu Agency (AA)
Министерот Чавушоглу и унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Петер Сијарто се сретнаа на работен доручек во официјалното седиште на Министерството за надворешни работи. Чавушоглу подоцна им се обрати на медиумите.
Во врска со откажувањето на настанот на кој требаше да учествува министерот за правда, Бекир Боздаг, Чавушоглу рече: „Овој став на Германија навистина не се вклопува ниту во демократијата, ниту во слободата на изразување, ниту пак со правото на слободен собир. Тоа што една држава се обидува да им држи час по демократија на сите, па дури и се обидува на ваков начин да им се меша во внатрешните работи на повеќе држави и тоа што со нејзиниот систем се обидува да ги спречи ваквите настани во последните години, покажува колку Германија и Западот се со двојни стандарди“.
Посочувајќи на собирот од минатата година, кога претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган сакаше да се сретне со граѓаните во Германија во врска со 15. јули, кој исто така беше спречен, Чавушоглу истакна дека само на терористичката организација ПКК ѝ беше дозволено да одржи ваков настан и оти лидерите на ПКК учествувале вклучувајќи се во живо.
„Им дозволувате на лидерите – терористи, а не му дозволувате на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој е избран со гласовите на народот. Ова не може никако да се оправда“, нагласи Чавушоглу.
Тој понатаму забележа дека имаше обиди да се спречи и средбата на премиерот Бинали Јилдирим, и истакна: „Сега почнаа и општините да ги откажуваат настаните. Ова не е случајно. Германија почна на систематски начин да ја спроведува оваа практика“.
- „Турција не е држава под ваша наредба“
Чавушоглу нагласи дека нема да се сретне со германските власти под вакви услови и додаде: „Вие треба да нѐ гледате како еднаков партнер. Турција не е држава под ваша наредба. Вие не сте ѝ шефови на Турција. Вие не сте прва класа, а Турција втора. Ние така не се однесуваме кон вас. Потребно е и вие кон Турција да се однесувате како кон рамноправен партнер“.
- „Без двоумење, ќе се спротивставиме“
Чавушоглу истакна дека Германија спроведува притисоци врз турскиот народ. „Ваквите притисоци нема да нѐ исплашат. Не можете да ја заплашите турската заедница со систематските притисоци што ги правите врз неа. Нема да успеете во тоа. Ајде заеднички да реагираме. Да работиме заедно за турската заедница и да ја зајакнеме силната врска што постои меѓу двете држави, за таа врска да стане уште поцврста. Но, бидете далеку од овој популизам пред изборите. Ако сакате да ги продолжите односите со нас, повторувам, мора да научите како да се однесувате кон нас. Овие работи не може да продолжат со вакви методи и ние ќе се спротивставиме. Без да се двоумиме, ќе се спротивставиме на секаков начин. Тогаш, вие размислувајте за последиците. Ова е нашата порака за Германија“, додаде тој.
Чавушоглу исто така рече дека ова се одразува на чувствителноста на турските државјани и додаде оти е невозможно 80-милионскиот турски народ да го прифати ова однесување на Германија.
- Заканата од ПКК
Министерот Чавушоглу нагласи дека терористичката организација ПКК/ПЈД е сечиј непријател:
„Таа претставува закана и за легитимното регионално раководство во Северен Ирак. Ова дури и се искористува од страна на некои држави. Во моментов се искористува против сегашното раководство. Тоа е реалност. Истовремено претставува закана и за Турција. Ние и вчера кажавме, заедно ќе дејствуваме против ПКК во Ирак. Каде и да се наоѓа оваа терористичка организација, нашата должност е да се бориме против неа. Ова е закана и за Ирак и за Северен Ирак. Поради ова, сѐ додека ПКК продолжува да биде закана, борбата против оваа организација е од суштинско значење и е неизбежна“.