Barış Seçkin
11 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
ЛУКА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека е потребно што е можно поскоро да се формира преодна влада во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу присуствуваше на сесијата во врска со Сирија, организирана во рамките на состанокот на министрите за надворешни работи на седумте најразвиени индустриски земји (Г-7), кој се одржува во Лука, Италија.
Турскиот министер потсети дека американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, по состанокот на Г-7 ќе ја посети Москва и истакна дека на сесијата се разговарало за прашања за кои треба да се разговара со руските официјални претставници.
„Јасно е дека Сирија нема да може да продолжи со овој режим. Потребно е што поскоро да се воспоставуви преодна влада. Со цел да се загарантира иднината на Сирија потребно е да се реализира политичкиот процес и во целата земја да се воспостави примирје, во вистинската смисла на зборот“, изјави Чавушоглу кој нагласи дека продолжува борбата против терористичките организации ДЕАШ и Ал Нусра.
Министерот за надворешни работи на Турција смета дека силите на режимот не би смееле да продолжат со убивањето невини луѓе и гаѓањето кон опозицијата со хемиско оружје, туку ниту со тенкови ни со кое било друго конвенционално оружје.
„Тоа мора да се спречи. Режимот од договорот за прекин на огнот често го крши примирјето. Бомбардира, користи тенкови и барелни бомби. И тоа треба да се спречи“, смета Чавушоглу.
Тој додаде дека на состанокот се разговарало и за другите ризици во Сирија.
„Нагласивме дека постои можност да биде нападнат и Идлиб, и дека треба да бидеме подготвени за тоа. Уште еднаш истакнавме дека треба да се убеди Русија, во Сирија без Асад. Земјите-истомисленички повеќе или помалку се согласни. Но, ние истакнавме дека најдобро решение е политичкото решение“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека за политичко решение треба да започнат преговори, кои ќе дадат најдобри резултати.
„Треба да се стави крај на стратегијата на режимот за одвлекување на вниманието. Преодна влада, устав, избори - во вистинска смисла на зборот. Сирија треба да оди кон оваа фаза“, рече Чавушоглу, кој повтори дека борбата против терористичките организации, меѓу кои и ДЕАШ треба да продолжи.
Министерот Чавушоглу укажа дека постои можност режимот да изврши нов напад со хемиско оружје.
„Податоците со коишто располагаме покажуваат дека во моментов режимот го има тој капацитет. Има капацитет за употреба на хемиско оружје“, предупреди Чавушоглу.
Тој потсети дека откако во 2013 година режимот употреби хемиско оружје, со напорите на меѓународната заедница беше договорено да се исчисти Сирија од хемиското оружје.
„Се чини дека или режимот не бил искрен, па не предал дел од оружјето или подоцна го набавил, или пак некој му го дал. Земјите кои го поддржуваат, групите, терористичките организации, кој и да го поддржува ... може да го зел од нив“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека не постојат други опции освен овие две: дека режимот на Асад не го предал оружјето или подоцна на некој начин дошол до него.
„Треба да се спречи повторното негово користење. Сѐ додека не замине режимот на Асад сите ризици сѐ уште се тука, дури, се сè поголеми. Ова не е здрава ситуација за иднината на Сирија“, предупреди Чавушоглу.