Aylin Sırıklı
13 Март 2016•Ажурирај: 13 Март 2016
АНКАРА (АА) - Канцеларијата на гувернерот на Анкара соопшти дека во експлозија на автомобил кој во 18.45 часот по локално време одекна во паркот Гувен, во центарот на Анкара, загинаа најмалку 27 а ранети се скоро 75 лица. Сите ранети се хоспитализирани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во сооопштението се наведува дека на местото на експлозијата на автомобил-бомба во квартот Кизилај загинале 23 лица, а дека четири потешко ранети лица им подлегнале на повредите на патот кон болница.
Скоро 75 ранети лица се згрижени во неколку болници во Анкара, а се стравува дека билансот на настраданите би можел да порасне.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во врска со силната експлозија, разговараше вечерва со министерот за внатрешни работи Ефкан Ала.
Од друга страна, премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, свика состанок на министрите и челниците на безбедносните агенции.
Експлозијата одекна во квартот Кизилај во кој се наоѓа паркот Гувен, кој е во главното сообраќајно средиште на Анкара.
Надлежната Врховна канцеларија за медиуми издаде наредба за забрана за објавување снимки од местото на експлозијата. Забраната се однесува на објавување снимки од експлозијата и оние непосредно по експлозијата на кои се гледаат повредени луѓе, а забрането е известувањер во живо од местото на несреќата.
На местото на несреќата пристигнаа голем број екипи на итната медицинска помош и пожарникари, а полицијата го блокираше тој дел од градот поради страв од нови експлозии.
Експлозијата во Анкара, чија мета беа цивили, одекна по неполн месец од бомбашкиот напад, во кој, во турската престолнина беа убиени 29 лица.