Halil Çelik
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
ДОХА (АА) - Челникот на Хамас, Халид Мешал, соопшти документ за новата визија и политика на палестинското движење на отпорот Хамас, јавува Anadolu Agency (AA).
Мешал одржа прес-конференција во Доха, главниот град на Катар, каде што даде појаснување на документот кој ќе ги одреди општите принципи и политиката на Хамас, како и визијата на движењето.
Политичкиот документ, чија цел е на движењето во меѓународната заедница да му отвори нови хоризонти, содржи точки како што се новиот начин на презентирање, односно дефинирање на Хамас, основање на палестинска држава во границите од 1967 година, како и ставот кон евреите и верскиот екстремизам.
Речено е и дека се неважечки сите одлуки за делење на Палестина и основањето на Израел, првенствено Балфуровата декларација.
Во првата точка од овој документ, Хамас се претставува како движење на палестинската исламска национална слобода и отпор чија цел е ослободување на Палестина и кој се бори против ционистичкиот проект, а целите и средствата за референца го земаат исламот, и не се говори дека е огранок на „Муслиманско братство“, што претставува разлика од претходниот документ.
Големо вимание во документот се посветува на тоа што движењето го прифаќа основањето на палестинска држава во границите од 4 јуни 1967 година.
Движењето, основањето на независна држава во тие граници со свој главен град Ерусалим го гледа како формула за заеднички национален договор.
Освен тоа, во документот се укажува на идентитетот на Палестина и на исламот според кој се води Хамас, велејќи дека тоа е вера која носи право, слобода, чест и правда. Исто така, се потсетува дека исламот се противи на секов облик на екстремизам.
„Ерусалим е главниот град на Палестина. Зазема важно место во арапската, исламската и човечката историја“, се вели во дел од документот во кој се наведува и дека плановите и иницијативите на евреизација и делењето на мезџид Ал Акса се неважечки и немаат никаков легитимитет.
Освен тоа, кажано е и дека сите бегалци и мигранти имаат природно право да се вратат на територијата од која се исфрлени.
„Хамас ја одби секоја иницијатива и проект кој има за цел да го отстрани прашањето на палестинските бегалци“, се нагласува во документот.
Исто така, во политичкиот документ се вели дека Хамас нема проблеми со Евреите, туку со ционистичкиот проект.
Во документот Палестинската ослободителна организација (ПЛО) е наречена „национален документ“ за Палестинците.
Освен тоа, се нагласува и дека Хамас е отворен кон дијалог и кон соживот.