Erkan Tiryaki
03 Мај 2018•Ажурирај: 04 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - ЕРКАН ТИРЈАКИ -
Јасин Тутунџу, уметнички директор на 3. Фестивал за култура и етноспортови што ќе се одржи помеѓу 9 и 13 мај на плоштадот „Јени Капи“ во турскиот град Истанбул, истакна дека оваа година очекуваат над еден милион посетители да го посетат фестивалот.
Тутунџу во изјава за Anadolu Agency (AA) разговараше за 3. Фестивал за култура и етноспортови, чиј глобален комуникациски партнер е АА.
„Нашиот фестивал е бесплатен. Без разлика на возраста, семејствата ќе можат да дојдат тука во кое било време и да поминат пријатни мигови. Минатата година (фестивалот) беше посетен од 750 илјади лица. Оваа година очекуваме над еден милион посетители. Посетителите се задоволни од нашиот фестивал“, рече Тутунџу, укажувајќи на важноста на овој фестивал.

Потсетувајќи дека минатата година имале 11 традиционални спортски дисциплини, Тутунџу истакна дека оваа година се додаваат уште 2 различни традиционални спортски дисциплини на веќе постоечките дисциплини.
„Ќе дојдат гости од различни места во светот. Подготовките во голема мера се завршени. Оваа година ќе имаме нови содржини. Минатата година имавме 11 спортски дисциплини. Оваа година имаме дополнителни 2 дисциплини. Ќе имаме стрелаштво на коњ наречено „јабусаме“ („yabusame“) кое има исклучително значајно место во историјата на Јапонија. Оваа година имаме донесено јастреби од Катар“, додаде тој.
Тутунџу рече дека на фестивалот нема да има само традиционални спортови, туку ќе има и бројни културни елементи, и дека за цел имаат да ги обединат традиционалните спортови и култури со луѓето.
„Оваа година над 30 светски кујни ќе бидат присутни на „Јени Капи“. Локалните готвачи тука ќе покажат како се подготвува храната“, нагласи Тутунџу.
Упатувајќи повик за посетување на фестивалот, Тутунџу додаде дека тоа што на фестивалот ќе присуствуваат меѓународни учесници претставува голема можност за Истанбул и за Турција.