Ekipa
28 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
МЕЛБУРН (АА) - Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер со победа над Марин Чилиќ во финалето на Австралија опен (Australian Open), стигна до 20. гренд-слем титула во својата кариера, пренесува Anadolu Agency (AA).
Федерер до новата титула стигна со победата над најдобриот хрватски тенисер со 6:2, 6:7 (5), 6:3, 3:6, и 6:1 во финалниот двобој од овогодинешниот Австралија опен во Мелбурн парк.
Ова е шеста титула на Федерер на Австралија опен, а во неговата богата кариера влегуваат и осум триумфи на Вимблдон, пет на УС Опен и една победа на Ролан Гарос.
Денешното финале беше 145. финале во кариерата на Федерер, а во Мелбурн стигна до својата 96. титула, додека Марин Чилиќ остана со 17 победнички трофеи од 31 настап во финалињата на АТП и на Гренд-слем турнирите.
Федерер со 2.000 АТП поени освои парична награда од четири милиони австралиски долари, додека Чилиќ два милиони австралиски долари и 1.200 поени, што ги постигна со пласманот во финалето.
Со своите 36 години, Федерер стана втор најстар тенисер кој има освоено гренд-слем титула во ерата на отвореното првенство. На Кен Роузвол тоа му успеа во 37. година во далечната 1972 година, исто така на Австралија опен.