Bekim Laci
27 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Факултетот за безбедност во Скопје и косовската Академија за јавна безбедност денес потпишаа договор за соработка, со којшто ќе се создадат нови долгорочни форми на заедничката борба против криминалот, јавува Anadolu Agency (AA).
Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, на церемонијата за потпишување на договорот рече дека ќе создаде нови можности за професорите и за студентите за создавање нови форми во борбата против криминалот, што може да се постигне само преку воспоставување заемна доверба и партнерство.
Дујовски понатаму истакна дека соработка меѓу двете институции постои веќе осум години, додавајќи дека денешното потпишување на договорот претставува само формализација.
„Денеска ќе го направиме свеченото потпишување за и инстутиционално да бидеме посилни партнери во контекст на европските интеграции. Секоја држава сама за себе може да прави многу, меѓутоа сите заедно во регионот можеме да направиме повеќе за нашите граѓани“, рече тој Дујовски, според кој, овој договор отвора нови хоризонти.
Генералниот директор на косовската Академија за јавна безбедност, Исмаил Смакиќи, од друга страна, рече дека балканските институции коишто се занимаваат со високо образование, веќе се дел од европската мрежа за високо образование, додавајќи дека денешното потпишување претставува формализација на соработката.
„Денес потпишуваме договор со Факултетот за безбедност, кој ја слави својата 40-годишнина. Затоа, му се заблагодарувам на деканот за можноста да го потпишеме овој договор за соработка”, рече Смакиќи.
На церемонијата на потпишувањето присуствуваше и амбасадорот на Косово во Македонија, Илбер Хиса, кој рече дека Македонија и Косово имаат многу прашања кои се однесуваат на заедничкиот интерес, затоа верува дека преку соработката може да се направи повеќе за безбедноста на граѓаните од двете земји.
Една од точките на договорот е размената на студенти и професори кои ќе предаваат на факултетите, но и размена на стручни и научни знаења и организирање заеднички академски и научни активности, како што се семинари, симпозиуми, конференции, размена на публикации и други материјали од заеднички интерес.