Hüseyin Altınalan
03 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
ТАШКЕНТ (АА) - „Бисерот на Централна Азија“, како што уште се нарекува Узбекистан поради богатата историја и интересната инфраструктура, и денес е една од омилените дестинации на многу истражувачи, но и за туристите.
Само во првите шест месеци од 2017 година, оваа земја ја посетиле повеќе од еден милион луѓе од целиот свет. Волшебните градови, од кои беше воодушевен и Марко Поло, може да му помогнат на Узбекистан наскоро да се најде на врвот на листата многу популарни туристички дестинации, пишува Anadolu Agency (AA).
Се претпоставува дека името го добил по Узбек-ханот, ханот на Златната орда. Оваа земја, која се наоѓа на историскиот Пат на свилата, ја дели границата со Киргистан, Таџикистан, Авганистан и Туркменистан.
Узбекистан е на седмо место по производство на природен гас во светот, четврт по производство на ураниум и шести за производство на памук. Односно, втор по големина извозник на памук.
Независност од Советскиот Сојуз стекна во 1991 година, а денес се состои од 12 провинции и една автономна република (Каракалпакија / Каракалпакстан).
Многу објекти и денес потсетуваат на трговските каравани кои минуваа низ оваа земја.
Трите града (Хива, Самарканд и Бухара) се наведени на листата на светско наследство на УНЕСКО.
Одредени извори наведуваат дека со убавината на Самарканд, стар неколку илјади години, бил воодушевен и Александар Велики, кој наводно рекол дека е точно сето она што го слушнал за Самарканд, и дека единствената разлика е тоа што е поубав од онака како што го замислувал.
Туристите во Узбекистан чувствуваат дека имаат можност да патуваат и низ времето. Покрај тоа, оваа земја има сериозен потенцијал за развој на верскиот туризам.
Сепак, Узбекистан е познат и по тоа што многу научници потекнуваат од таа област, првенствено од Бухара и Самарканд. Меѓу бројните научници се Мухамед ибн Исмаил ал-Бухари, познат како Бухари, но и познатиот Ибн Сина (Авицена).
Во Узбекистан и денес може да се види влијанието на турската, арапската, персиската и грчката култура, поради што е сигурно дека туристите и истражувачите по посетата на узбекистан не остануваат рамнодушни.