Erbil Başay
03 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
БЕРЛИН (АА) - Германските власти започнаа кампања за дополнителна финансиска поддршка на мигранти кои доброволно ќе изразат желба да се вратат во својата земја на потекло по одбивањето на барањето за азил, пренесува Anadolu Agency (AA).
Германската влада и досега даваше финансиски стимул за враќање на мигрантите во земјите на потекло. Возрасните лица добиваа по 1.200 евра, додека малолетните деца по 600 евра, така што едно тричлено семејство добива 3.000 евра при напуштањето на Германија.
Весникот „Билд“ јавува дека Владата во Берлин ја започна кампања „Starthilfe plus“ со цел да го поттикне заминувањето на мигрантите на кои им е одбиен азилот.
Истиот извор јавува дека семејствата, кои до крајот на февруари следната година ќе се изјаснат дека сакаат доброволно да се вратат во земјата од каде што потекнуваат, ќе добијат дополнителни 3.000 евра за подмирување на основните потреби за враќањето.
Дополнителната финансиска помош се нуди и на лицата без семејство, за нив се предвидени дополнителни 1.000 евра.
Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер, порача дека германската Влада конкретно го поддржува враќањето на мигрантите чии барања за азил се одбиени.
До октомври оваа година за помош поради доброволно заминување од Германија се пријавиле 8.639 мигранти, а германските власти сакаат значително да ја зголемат оваа бројка во наредниот период. Во Германија моментално живеат 115.000 мигранти чии барања за азил се одбиени и за кои е донесена одлука за депортација. Поради жалбените и други постапки, привремено е запрена процедурата за депортација за околу 80.000 од овие лица.