Ekipa
24 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
ДАКА (АА) - Република Турција наскоро во Бангладеш ќе изгради камп за згрижување на 100.000 аракански муслимани (Рохинџа) кои избегаа од насилствата во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Во врска со овој проект, со министерот за управување со вонредни состојби на Бангладеш, Мофазал Хусеин Чаудури, говореше координаторот на Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), Ахмет Рефик Четинкаја.
Четинкаја притоа му соопшти на министерот на Бангладеш, дека од Турција овие денови ќе пристигнат дополнителни 10.000 пакети хуманитарна помош за загрозените Рохинџа муслимани.
Тој, исто така најави дека Бангладеш наскоро ќе го посети и турскиот вицепремиер Реџеп Акдаг.
Рохинџа муслиманите со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран насилства на подрачјето на Аракан во Мјанмар.
Под изговор на борбата против милитантните групи, војската на Мјанмар во изминатите неколку дена уништи најмалку 200 муслимански села, од кои стотици илјади мештани беа принудени да побегнат во соседниот Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, не е возможно да се говори за прецизен биланс на настрадани во нападите врз муслиманските населени места. Шефот на дипломатијата на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд, изјави дека најмалку 3.000 муслимани се убиени од 25 август до денес.
Од ОН беше соопштено дека во изминатите неколку недели во Бангладеш пребегале 429.000 аракански муслимани, а уште толку од порано се во егзил во таа земја.