Şerife Çetin
17 Февруари 2019•Ажурирај: 18 Февруари 2019
БРИСЕЛ (АА) - ШЕРИФЕ ЧЕТИН -
Турција ја полни својата 67. година во НАТО, давајќи значителен придонес во најмоќната меѓународна воена алијанса.
Новинарот на Аnadolu Agency (АA), по повод 67-годишното членство на Турција во Северноатлантската алијанса (НАТО), направи анализа на членството на Турција, нејзиниот придонес и актуелните случувања.
Благодарение на својата геостратешка положба и втората по големина армија во рамките на НАТО, Турција, покрај својот значителен придонес во Алијансата, продолжува да биде една од земјите која има право на збор на состаноците и една од најмоќните и најбројните земји членки во НАТО.

Од друга страна, и НАТО продолжува да го дава својот придонес за безбедноста на Турција и зачувување на цврстите врски во евроатлантското подрачје.
- Турција стана членка во 1952 година -
Северноатлантската алијанса е формирана во 1949 година со потпишувањето на Вашингтонскиот договор од страна на 12 земји членки, а Турција станува 13. земја членка на НАТО во 1952 година.
Протоколот за пристап во НАТО Турција го потпиша на 17 октомври 1951 година, а официјално во Алијансата е примена на 18 февруари 1952 година.
По настаните на меѓународната сцена до кои дојде по Втората светска војна, беше формиран Источниот блок од страна на Советскиот Сојуз, во обид да ја пропагира комунистичката идеологија, а од друга страна, беше формиран и Западен блок, предводен од САД и европските земји, кој ги заштитуваше либерално-демократските вредности.
Во тој период Турција, која го гледаше Советскиот Сојуз како директна закана, својата надворешна политика ја насочи на приближување кон западниот свет.
Во Турција, која е една од земјите основачи на Обединетите нации во 1945 година, со цел да се зголеми соработката со земјите од западниот свет, започна да расте значењето на членството во НАТО.
- За време на Студената војна го заштити југоисточното крило -
Во периодот на Студената војна, кога постоеја тензии меѓу Истокот и Западот, вниманието го привлекува придонесот што Турција ѝ го даде на Алијансата.
Во тој период, во преден план излегува фактот дека Турција е еден од најзначајните сојузници кои ја осигураа безбедноста на југоисточното крило на НАТО.
По завршувањето на периодот на Студената војна до кој дојде по распаѓањето на Советскиот Сојуз, Турција продолжува да го дава својот придонес во управувањето со кризи и мисиите на мировните сили на НАТО, преземајќи ја одговорноста како сојузник во рамките на Алијансата.
- Дава значителен придонес во НАТО -
За НАТО, која продолжува да се развива себеси против актуелните закани и проблеми, Турција е сојузник кој има стратешко значење, особено по терористичкиот напад во САД изведен на 11 септември 2001 година.
Турција, како втора најголема армија по САД, за НАТО има критична геостратегиска позиција и е една од сојузниците која во Заедничкиот фонд на НАТО дава најголем придонес.
Турција и денес во НАТО продолжува да го дава својот придонес во Одлучната мисија на поддршка во Авганистан, во повеќенационалните мировни сили КФОР во Косово и во мисиите за обука во Ирак.
Турција дава значаен придонес со тоа што е домаќин на Копнената команда на НАТО (LANDCOM) на подрачјето на Измир и е домаќин на радарите на НАТО, како дел од структурата на антибалистичката ракетна одбрана на Алијансата.
- НАТО се подготвува да стане алијанса од 30 земји членки -
По пристапувањето на Црна Гора во 2017 година, НАТО се подготвува како своја 30. членка да ја прифати Северна Македонија, откако минатата недела беше потпишан Протоколот за пристап.
Алијансата, која дава значителен придонес за безбедноста на Турција, постојано работи на иницијативи за сопствено засилување, со цел да се справи со новите закани, зголемувајќи ги сопствените капацитети за одвраќање, одбрана, адаптација на командната структура и борбата против тероризмот.