Ekipa
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Видеоснимките од надзорните камери, кои спаѓаат во доказниот материјал во судската постапка за настаните во Академијата за воено воздухопловство во Истанбул, за време на минатогодишниот неуспешен обид за државен удар, открија детали кои недвосмислено потврдуваат дека обвинетите биле активни учесници на настанот, јавува Anadolu Agency (АА).
Државното обвинителство во Истанбул поднесе обвинение против вкупно 44 осомничени, од кои 34 се во притвор.
Се работи за офицери, подофицери и наредници од Академијата за воено воздухопловство, за кои обвинителството бара да се изречат повеќекратни казни доживотен затвор поради нивното учество во обидот за државен удар што на 15 јули минатата година го изврши терористичката организација ФЕТО.
Во доказните списи дополнително се вклучени снимките од надзорните камери од тој комплекс, кои открија дека на академијата, на ден пред обидот за државен удар бил одржан состанок на пучистите. На состанокот се договарани деталите за обидот за државен удар, а меѓу учесниците имало и генерали на турската војска како Фетхи Алпај, командантот на Академијата, Мехмет Наил Јигит, командант на 66. механизирана бригада, Ѓурџан Серџан, поранешен челник на истанбулската жандармерија, и други осомничени против кои се водат серија судски постапки.
На снимките се гледа како на состанокот доаѓа и генерал Ѓокхан Сонмезатеш, кој е обвинет за обид за атентат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и за окупација на воената база Акинџи.
Исто така, се гледаат детали како пучистите ги подготвуваат хеликоптерите што ги користеа во обидот за државен удар, а подоцна и за бегство.