АНКАРА (AA) – Со низа манифестации, оваа седмица во Турција се одбележува годишнината од обидот за воен удар што на 15. јули го извршија инфилтрираните припадници на терористичката организација ФЕТО во рамките на Турските вооружени сили. Обидот за пуч беше запрен за 21 час, пишува Anadolu Agency (AA).
Со истрагите и подигнатите обвиненија на Државното обвинителство во Анкара, откриени се деталите од обидот за воен удар што почна на 15. јули во 16.16. часот, кога еден офицер од Командата на воздушните сили објави дека припадниците на ФЕТО ќе изведат напад на седиштето на Разузнавачката служба на Турција (МИТ), и ќе го заробат нејзиниот шеф, Хакан Фидан.
По дојавата, Фидан телефонски го повикал другиот началник на Генералштабот на турската војска, генералот Јашар Ѓулер, и испратил свој помошник со информации во Генералштабот. Во 18.10 часот, на состанокот во Генералштабот се придружил и Фидан и притоа кажал дека нападот на МИТ најверојатно е само дел од некој поголем план.

Во тие моменти, началникот на Генералштабот, генерал Хулуси Акар, издал наредба до Оперативниот центар на вооружените сили во базата да се вратат сите летала што се во воздух. Челникот на МИТ, Фидан, го напуштил седиштето на Генералштабот во Анкара во 20.22 часот. Кога пучистите сфатиле дека нивниот план за воен удар е компромитиран, реализацијата на тој план започнала порано, а првобитниот план бил пучот да започне во 3.00 часот.
Во 21 часот, 33 лица од специјалните вооружени сили тргале кон Генералштабот, а пучистот и поранешен генерал Мехмет Дишли на началникот Акар му рекол дека е започната операција и дека ќе преземат сѐ што е во земјата. Еден час подоцна, од седиштето од Генералштабот се слушнаа пукотници, а од хеликоптер е отворен оган. Во исто време, пучистите ја окупираа Генералната дирекција на Турската радио телевизија (ТРТ).
Паралелно, пучистите ги интензивираа и активностите во Истанбул. Група пучисти ги блокираа мостовите „Боазиџи“ и „Фатих Султан Мехмет“ на Босфор во 22.28 часот, а премиерот на Република Турција, со посредство на еден телевизиски канал, на нацијата ѝ порача дека на должност е легитимна влада што го претставува народот, а скапо ќе платат сите одговорни за незаконските активности.
Во тоа време, началникот на Генералштабот им одолеа на сите притисоци и закани и ја одби понудата на пучистите да им се придружи. Во 23.02 часот е заробен и однесен од Генералштабот во воената база „Акинџи“.
Државното обвинителство во Анкара во 23.05 часот официјално ја започна истрагата за тие настани.
Три минути подоцна, пучистите го изведоа првиот воздушен напад на зградата на полицијата во местото Ѓолбаши во Анкара. Погоден е полициски хеликоптер и резервоар за гориво на пистата. Во 23.58 часот беше бомбардирано и седиштето на специјалните единици во Ѓолбаши.
Тринаесет минути подоца, по полноќ, пучистите ја принудија спикерката на ТРТ телевизија да прочита проглас за ударот. Турскиот министер за одбрана, Фикри Ишик, соопшти дека станува збор за пуч на „паралелната структура“.
Пресврт во текот на пучот се случи 24 минути по полноќ, кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган преку телевизијата „CNN Turk“, се јави во живо и го повика народот да излезе на улиците и да ги запре пучистите. Тој го повика народот да ги блокира улиците, плоштадите и аеродромите, и да го запре предавничкиот чин на пучистите, а вети дека сите предавници во рамките на вооружените сили и другите институции ќе ја добијат заслужената казна во рамките на правото, законот и Уставот на Турција.
Во 00.45, на службената интернет-страница на Генералштабот на турската војска, пучистите објавија проглас за воен удар, а недолго потоа во два наврата ја бомбардираа Дирекцијата на полицијата во Анкара.
Турскиот претседател Ердоган го напушти хотелот во Мармарис во 1.30 часот и замина на аеродромот „Даламан“ во Мугла.
- Вонредна седница на турскиот Парламент
Претседателот на турскиот Парламент, Исмаил Кахраман, во тоа време свика вонредна седница на најголемото законодавно тело на Турција. Седницата започна во 1 часот и 39 минути.
Ердоган со авионот АТА, од Мугла тргна кон Истанбул, а турскиот министер за одбрана во 2 часот соопшти дека прогласот што пучистите го објавија е „фалсификат“ и оти не треба да се зема предвид како таков.
- Храбриот потполковник Халисдемит го смени текот на пучот
Предводени од поранешнот командант на специјалните единици, генерал Семих Терзи, за окупацијата на Командата на специјалните сили во Ѓолбаши стасаа и голем број пучисти, а потполковникот Омер Халисдемир во 2.16 часот ја одби наредбата на пучистите и одблиску го уби генералот Терзи.
Пучистите потоа го убија Халисдемир, но со убиството на Терзи е спречена окупацијата на Командата на специјалните сили и на крајот ќе се покаже дека тоа е еден од клучните настани за пропаѓање на планот на пучистите.
Пучистите потоа изведоа воздушни удари на објектите на специјалните сили во Ѓолбаши. Авион Ф-16 на турската војска го собори хеликоптерот „сикорски“ кој беше во рацете на пучистите.
- Бомбардирање на Парламентот и први апсења на пучистите
Стражарите уапсија 13 војници-пучисти кои се обидоа ја окупираат претседателската палата во Анкара, а во меѓувреме се одржуваше и седница на Парламентот, од каде што се слушнаа пукотници. Зградата на парламентот во 2.35 часот беше цел на воздушни напади со авионите Ф-16 што беа запленети пучистите.
Сѐ помасовните собири на граѓаните ги отежнуваа дејствата на пучистите во нивниот обид, а така е ослободено седиштето на ТРТ. Телевизијата продолжи да известува од теренот, а беа уапсени пучистите кои претходно го окупираа седиштето на оваа телевизија.
Премиерот на Турција во 3.10 часот соопшти дека ќе бидат урнати сите хеликоптери и авиони што ќе летаат над клучните институции во Анкара, вклучувајќи го МИТ, Парламентот, претседателската палата и седиштето на Владата.
Само неколку минути подоцна, пучистите го бомбардираа комплексот ТУРКСАТ во Ѓолбаши, за да ги прекинат медиумите во работата, а од комплексот на Генералштабот повторно се слушнаа пукотници.
- Пристигнување на Ердоган во Истанбул
Во моментите на пристигнувањето на Ердоган на истанбулскиот аеродром, зградата на парламентот во Анкара беше цел на вториот воздушен напад. Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, од говорницата на парламентот порача дека државниот поредок и демократијата ќе бидат одбранети, а пучистите ќе одговараат и ќе бидат казнети.
Пратеничките групи потоа потоа издадоа заедничко соопштение во коешто најостро го осудија обидот за државен удар.
Обвинителството во Анкара за 4 часа издаде наредба за приведување на сите службеници од правосудството и од безбедносните сили кои се поврзани со терористичката организација ФЕТО, како и сите членови на раководното тело на ФЕТО, таканаречено „Совет за мир во татковината“.
Прекинато е снабдувањето со електрична енергија во воздухопловната база „Акинџи“, каде што беше главното упориште на пучистите. Премиерот Јилдирим во 04.36 часот му нареди на генералот Зија Кемал Кадиоглу да се соборат сите хеликоптери и авиони што летаат без дозвола.
Неколку минути подоцна, пучистите од хеликоптер отворија оган и започнаа со напад на хотелот во Мармара, којшто Ердоган го напушти неколку часа претходно. Маскираните пучисти потоа го окупираа хотелот и притоа ранија петмина полицајци.
- Првата воена акција против пучистите започна од Ерзурум
Со цел да се задуши обидот за воен удар и со одобрение да се соборат сите летала што без дозвола летаат во Турција, од воената база во Ерзурум во 04.54 часот полетаа два бомбардера Ф-16.
Седиштето на специјалните сили во Ѓолбаши беше ослободено од пучистите утрото во 6 часот, а во тој комплекс во текот на ноќта беа убиени 42 лица.
Со првите зраци на сонцето, пучистите извршија бомбардирање во непосредна близина на Претседателската палата, а потоа погодија и едно возило пред џамијата „Милет“, убивајќи 15 луѓе.
Војниците-пучисти кои под блокада го држеа Босфорскиот мост во Истанбул, почнаа да им се предаваат на турските сили во 06.40 часот.
Пучистите во 7 часот извршија воздушен напад и на крстосницата кај Командата на жандармеријата, која се наоѓа во близина на претседателската палата во Анкара, а премиерот Јилдирим потоа му нареди на генералот Хусеин Демирарслан да се бомбардира и да се уништи пистата во воздухопловната база „Акинџи“.
Врз основа на истрагите што ги спроведе Обвинителството во Турција, веќе изутрината во 07.35 часот беа уапсени 754 припадници на турските вооружени сили. На уапсените пучисти им се одземени чиновите и тие беа предадени на полицијата за понатамошно процесуирање.
Суспендирани се петмина генерали и 29 полковници на турската војска кои биле членови ФЕТО.
- Ослободување на генералот Акар
Началникот на Генералштабот, Акар, од воздухопловната база „Акинџи“ беше ослободен во 8.26 часот, а специјалните полициски сили десет минути подоцна ја ослободија и Командата на жандармеријата. Неутрализирано е делувањето на терористите на ФЕТО, а приведени се над 200 војници-пучисти.
Врховниот судски и обвинителски совет на Турција (HSYK) одржа вонредна седница со цел да се спроведат итни мерки против судиите и обвинителите кои се поврзани со организацијата ФЕТО. На сите судии и обвинители им беше прекинат одморот и беа повикани итно да се јават на работните места.
Од седиштето на Генералштабот излегоа речиси 200 разоружани војници кои во 09.40 часот ѝ се предадоа на полицијата. Поради велепредавство, започната е постапка против поранешниот командант на воздухопловните сили, генерал Акин Озтурк, и против командантот на одделот за обука и доктрина на копнените сили (EDOK), генерал Метин Ијидил.
Половина час подоцна, од седиштето на Генералштабот излегоа и ѝ се предадоа на полицијата речиси 700 разоружани војници, а потоа се ослободени и чиновниците кои ги држеа врзани во објектите во просториите на Генералштабот.
Сфаќајќи дека обидот за државен удар е неуспешен, побегнаа војниците кои го изведоа нападот и го окупираа хотелот во Мармара со цел да извршат атентат на претседателот Ердоган.
- Началникот на Генералштабот Акар се враќа на должност
Турскиот премиер Јилдирим во 10.37 часот соопшти дека началникот на Генералштабот, генерал Акар е ослободен и оти и понатаму е на должност во Кризниот штаб во палатата Чанкаја.
И пучистите на ФЕТО во воздухопловната база „Акинџи“ во тие моменти сфатија дека обидот за државен удар пропадна и почнаа да ја напуштаат базата.
Во 12.56 часот, во седиштето на Генералштабот пристигнаа тројца државни обвинители за приведување на војниците кои беа вклучени во обидот за државен удар.
- Обидот за воен удар официјално беше спречен во 13 часот
Турскиот премиер Јилдирим соопшти дека состојбата во земјата е нормализирана и оти обидот за воен удар е задушен. Овој проглас го соопшти на прес-конференција, на којашто во палатата Чанкаја присуствуваа генералот Акар, како и министрите за одбрана, внатрешни работи и за правда. Тој рече дека храбриот отпор на луѓето ги спречи плановите на предавниците.
Одѕивајќи се на повикот на турскиот претседател Ердоган, народот на Турција излезе на улиците и во текот на целата ноќ, со голи раце ги сопре тенковите и пучистите. За време на обидот за пуч во Турција загинаа 250, а беа ранети 2.193 лица.
news_share_descriptionsubscription_contact


