Sorwar Alam
02 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
СЕУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, во рамките на официјалната посета на Сеул, се сретна со јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин и договорија интензивирање на билатералната соработка во сите сектори, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата во Сината куќа, Мун и Ердоган објавија заедничка изјава во која се наведува дека е постигнат договор за блиска билатерална соработка на реализација на стратешката визија за развој на Турција за 2023 година.
Република Турција во 2023 година ќе прослави 100 години од постоењето, а по тој повод предходно властите на таа земја имаа развиено визија за развој во областа на економијата, енергетиката, здравството, транспортот и други сектори за да на својот стоти роденден Турција биде една од десетте најразвиени земји во светот.
Во заедничката изјава се вели дека двајцата претседатели разговараа и за ситуацијата на Блискиот Исток, со фокус на кризата во Сирија и Палестина.
Ердоган и Мун ја повикаа меѓународната заедница да вложи дополнителни напори за решавање на овие кризи.
Интензивирањето на контактите и соработката помеѓу владите и приватниот сектор на Турција и Јужна Кореја беа една од поважните теми за кои Ердоган и Мун разговараа.
Борбата против тероризмот, решавањето на мигрантската криза во светот, воспоставување на мирот и стабилноста во светот се некои од важните теми на кои Ердоган и Мун истакнаа потреба од поголема посветеност на целата меѓународна заедница.
Мун и Ердоган по средбата присуствуваа на церемонијата на потпишувањето на четири билатерални договори за соработка во областа на образованието, информации, телекомуникации, индустрија, енергетиката и здравство.