Ekipa
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Кривичниот суд во Истанбул осуди на доживотен затвор шестмина поранешни војници кои учествуваа во обидот за окупирање на зградата на „Türk Telekom“ (Турк Телеком) за време на обидот за воен удар што терористичката организација ФЕТО во Турција го изврши на 15 јули минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Судењето на тринаесетмината поранешни турски војници е завршено со денешното изрекување на пресудата. Седуммината осомничени кои се бранеа од слобода беа ослободени од сите точки на обвинението.
Останатите шестмина турски војници, кои судењето го следеа од притвор, добија доживотни затворски казни. За „обид за рушење на уставниот поредок на Турција“, судот изрече заострени доживотни затворски казни на полковникот Нурулах Зеки Атмаџа и потполковникот Бирол Кескинкилич. Заострените казни подразбираат дека осудените ќе ги служат казните во строго чуван затвор и нема да имаат можност за помилување.
Доживотни затворски казни се изречени и за поранешниот потполковник Џем Дојгун, како и за поранешните подофицери Мехмет Мустафа Челик, Сердар Узел и Мурат Караташ.
На осудените шест лица им е судено и по точки на обвинението според коишто се товарат за обид за рушење на турската Влада и членство во терористичка организација, но изречените казни за обид за рушење на уставниот поредок, според мислењето на судот, ги опфаќаат и тие делови од обвинението.
Тоа е втора судска постапка којашто пред истанбулскиот суд се води во врска со минатогодишниот обид за пуч што го изведе терористичката организација ФЕТО. Претходно е завршено судењето за случајот за обид за окупација на канцеларијата на гувернерот во Истанбул.