İsmail Hakkı Demir
12 Август 2018•Ажурирај: 14 Август 2018
КАХРАМАНМАРАС (AA) - Во текот на истражувањето на пештерата Дирекли, во Кахраманмарас, во Турција, пронајдени се черепи од мечка и куна за кои се претпоставува дека потекнуваат од период пред 14.000 години.
Истражувањата во пештерата Дирекли, во која претходно се пронајдени остатоци и предмети од палеолитот и плеистоценот, започнати се во 2007 година.
Во истражувањата кои ги води Џевдет Мерих Ерек, од Одделот за археологија на Универзитетот „Хаџи Бајрам Вели“ во Анкара, учествуваа претставници на Министерството за култура и туризам на Република Турција и студенти.
Ерек за Anadolu Agency (AA) изјави дека продолжуваат да добиваат значителни податоци за археологијата на градовите и на Анадолија.
Додаде дека во пештерата пронашле коски и черепи од мечка и куна, што говори многу за верувањата во тој период.
Истакна дека веруваат дека черепите потекнуваат од период пред 14.000 години и дека претпоставуваат дека се користени во верски обреди.
„Во еден дел од пештерата пронајдовме само делови од черепи од мечка и куна. Тоа што черепите од овие животни беа само тука, значи дека веројатно биле истакнати некаде во близина, што говори за верувањата во тој период“, додаде тој.
Истражувањата на површината започнаа во 2006 година на иницијатива на Џевдет Мерих Ерек, а ископувањето во пештерата започна во 2007 година.