Sena Güler
17 Август 2018•Ажурирај: 18 Август 2018
ИЗМИР (АА) - Турскиот Суд денес ја одби жалбата за ослободување, поднесена од американскиот свештеник Ендрју Брансон, кој е обвинет за поврзаност со тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Третиот Висок кривичен суд во Измир донесе одлука за продолжување на домашниот притвор на Брансон и забрана за напуштање на земјата.
Адвокатот на Брансон, Исмаил Џем Халавурт, е обрати до Повисокиот суд, откако во средата, беше одбиена молбата за ослободување од страна на 2. Висок кривичен суд во Измир.
Неодамна, Судот дозволи Брансон да биде преместен од затвор и да биде ставен во домашен притвор поради неговите здравствени проблеми.
Ендрју Крег Брансон е уапсен на 9 декември 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за активности и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО. На барање на Oбвинителството, Судот во Измир на 18 јули му изрече мерка притвор на американскиот свештеник за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми, таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Односите меѓу Турција и САД се нарушени откако американската администрација воведе санкции за двајца турски министри поради процесуирањето на американскиот свештеник Ендрју Крег Брансон во Турција.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела ги удвои американските тарифи за увоз на турскиот алуминиум и челик.
Во средата, Турција исто така ги зголеми тарифите за неколку производи од САД, вклучувајќи ги алкохолот, тутунот и автомобилите.